„Потрошувачите, пак, треба да бидат одговорни, да водат сметка и храна да набавуваат од регистрирани оператори, односно да пазарат на начин и во време кога нема опасност да предизвикаат нејзина контаминација поради високи температури“, велат до Агенцијата
Откако четири лица се примени на Инфективната клиника со симптоми на труење од храна, затворена е гостилница во скопската населба Влае, информира денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Оттаму велат дека во гостилницата е спроведен вонреден инспекциски надзор, земени се брисеви од работните површини и примероци од, како што се наведува во соопштението од АХВ, целата инкриминирана храна што ја консумирале лицата.
Гостилницата, според информациите од АХ, ќе биде затворена до добивање на резултатите од лабораториското тестирање.
„По добиените информации од епидемиолог од Центарот за јавно здравје дека на Клиниката за инфективни болести се примени четири лица со симптоми на триење од храна, нашите инспекциски служби спроведоа вонреден инспекциски надзор во гостилница во скопско Влае. На сопствениците на гостилницата им е наредено да преземат превентивни мерки за чистење и вршење на вонредни санитарни прегледи на вработените. Гостилницата ќе биде затворена до добивање на резултатите од земените примероци“,
велат од АХВ.
Во услови на високи температури, а со тоа и големи ризици од труење со храна, АХВ апелира операторите да бидат одговорни да се придржуваат до ХАССП-принципите за безбедност и правилата за добра производствена и хигиенска пракса.
„Потрошувачите, пак, треба да бидат одговорни, да водат сметка и храна да набавуваат од регистрирани оператори, односно да пазарат на начин и во време кога нема опасност да предизвикаат нејзина контаминација поради високи температури“,
се вели во соопштението од АХВ.
За пријавување сомнеж во однос на безбедноста на храната за потрошувачите останува отворена бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22, а претставки до одделението за заштита на потрошувачите граѓаните можат да поднесат лично или електронски на [email protected].