Според официјалните програми на двајцата премиери и Мицкоски и Мицотакис, освен на самитот на НАТО и предвидените активности на маргините, ќе присуствуваат и на вечерата во Белата куќа во организација на американски претседател Бајден
Не е предвидено да се одржи средба меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис, изјави денеска портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис одговарајќи на новинарско прашање дали е можна евентуална средба меѓу двајцата премиери на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон, информира дописничката на МИА од Атина.
„Не е планирана средба, но не е исклучено премиерот Мицотакис да има и некои билатерални средби во рамките на активностите на маргините на НАТО самитот. Но нешто планирано, не постои“,
рече тој.
Неговиот одговор е идентичен и на прашањето дали е можна средба меѓу Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Претстојниот самит на НАТО е во фокусот на јавноста поради потенцијалната средба на македонскиот и грчкиот премиер – Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис, која би била прва по острите реакции на официјална Атина за употребата на уставното име од страна на државниот врв во земјава.
Според официјалните програми на двајцата премиери Мицкоски и Мицотакис, освен на самитот на НАТО и предвидените активности на маргините, ќе присуствуваат и на вечерата во Белата куќа во организација на американски претседател Бајден.
На денешниот редовен брифинг со новинарите, во однос на нашата земја, одговарајќи на новинарско прашање, Маринакис рече дека грчкиот премиер на Самитот на НАТО ќе го покрене на највисоко ниво почитувањето на Договорот од Преспа.
Маринакис посочи дека договорите што се изгласани и ратификувани треба да се спроведуваат, но не гледа ова да го прави другата страна.
„Ќе го покрене прашањето на највисоко ниво. Ќе го спомене Договорот што не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес. Ќе спомене низа изјави што се спротивни на Договорот од Преспа, односно спротивно на она што е изгласано од двете држави, бидејќи како што сфаќате присуството на Северна Македонија на НАТО е резултат на овој Договор, но нашата соседна земја, не ја почитува ниту првата страница на овој Договор и е нешто за што се подразбира дека Кирјакос Мицотакис ќе го покрене“,
рече Маринакис.
Мицкоски, пак, пред заминувањето за Вашингтон изјави дека доколку има средба со грчкиот премиер на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи, откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис предупреди на „многу непријатна позиција“ на НАТО-самитот ако Мицкоски како премиер инсистира на истата реторика за името.
„Се подготвувам јас. Јас сум човек којшто се подготвува и сака предизвици и би сакал и да го видам и тој предизвик. Мојата позиција е јасна и тука не треба никој да има дилема. Доколку постојат во Европа, а не верувам дека постојат, европски политичари коишто се претставуваат како современи, модерни, политичари на 21 век, а, сепак, имаат во себе талибански мотиви, па сакаат да го загрозат човековото право коешто е заштитено со многу меѓународни конвенции, тогаш јас сум подготвен со тие луѓе да аргументирам и да дебатирам и тука не треба да имаме никаква дилема“,
рече Мицкоски.
Коментирајќи го излагањето на грчкиот премиер, Мицкоски рече дека сè додека постојат двојни стандарди и манипулации и држење до Копенхашките критериуми ќе се случуваат вакви, како што оцени, анахрони изјави, талибански методи и враќање во средниот век наместо фокусирање на иднината.
Делегација предводена од премиерот во Вашингтон денеска се сретна со претставници на македонската дијаспора. Ова утрово го објави Мицкоски на својот фејсбук-профил посочувајќи дека пред самитот на НАТО посветил внимание на прашањата и позициите на дијаспората во САД.
Од владината прес-служба информираа и дека македонската делегација ќе учествува и на отворањето на НАТО форумот и ќе присуствува на состаноците на Северноатланскиот совет каде што, како што велат од Владата, премиерот ќе има можност за средби со други лидери и изјави за медиуми.
Грчкиот премиер, пак, денеска заминува за Вашингтон, а освен официјалниот дел и предвидените состаноци на самитот на НАТО , планирано е утре да учествува во јавна дискусија со поранешниот американски амбасадор во Грција, Даниел Спекхард, во организација на Советот за надворешни односи, додека пак в среда непосредно пред почетокот на самитот, Мицотакис ќе има јавна дискусија во рамките на Јавниот форум на НАТО со Надја Сендлоу, поранешна заменик-советничка за национална безбедност на САД.
Дополнително, ќе има средби со членови на Конгресот, додека пак в петок ќе замине за Њујорк каде што ќе се сретне со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Самитот на НАТО по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на воената алијанса ќе се одржи во Вашингтон од 9 до 11 јули.