Според информациите, пожарникарите веднаш пристигнале на местото на настанот, успеале да го фатат мажот со јажиња и, како што велат, полека почнале да го извлекуваат. Но, било потребно и извлекување на пожарникарите бидејќи и тие полека почнале да тонат во меката почва
Тим на кумановски пожарникари утрово спасил маж кој се заглавил во длабока тиња и кал налик на жив песок во близина на реката Пчиња, Кумановско, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму информираат дека спасувачката акција траела три часа, од 4 до 7 часот утрово, кога со јажиња бил извлечен човекот заробен во тиња и кал. Во акцијата учествувале пожарникари од Територијалната противпожарна единица, на чело со командирот на смена Сашо Илиевски, како и екипи на Итната медицинска помош од Куманово.
Од ЦУК информираат дека итниот случај на бројот 112 го пријавил риболовец, кој ги слушнал повиците за помош на лицето кое се заглавило во длабока тиња и кал на тој потег од реката Пчиња.
„Ситуацијата била опасна бидејќи полека, како што лицето, возрасен маж, сакало да се самоизвлече се повеќе пропаѓало на местото каде што почвата била буквално како маскиран жив песок. со исушен слој најгоре на површината, а надолу како да немало дно“,
велат од ЦУК.
Според информациите, пожарникарите веднаш пристигнале на местото на настанот, успеале да го фатат мажот со јажиња и, како што велат, полека почнале да го извлекуваат. Но, било потребно и извлекување на пожарникарите бидејќи и тие полека почнале да тонат во меката почва.
„Лицето било веќе речиси до раменици и врат пропаднато во калта. Било снеможено и на крај од неговите сили, поради долготрајното заглавување, полека тонело во меката почва“,
се вели во соопштението за спасувачката акција.
Пожарникарите помагале тимски, а вадењето на возрасниот маж од калта одело етапно. Откако бил изваден од длабоката тиња, според извештајот на ЦУК, лицето речиси се онесвестило и било ставено на специјална спасувачка носила.
„Додека едни го носеле, други со секири го расчистувале патот пред нив од вегетација и дрвја за да се пробијат до пристапниот пат каде што ги чекала Итната медицинска помош“,
информира ЦУК.
Настраданиот маж, како што велат од ЦУК, е хоспитализиран во кумановската болница и е надвор од животна опасност, но, како што велат, е многу истоштен од долготрајното извлекување.