Благодарам што после 10 месеци го имам целокупното внимание на судот и јавноста, и покрај пандемијата, бидејќи им ја должам вистината и одговори. Библија на моето работење секогаш беше Законот за кривична постапка, а со мојот избор за специјален јавен обвинител моја Библија беше и Законот за СЈО.

Вака Катица Јанева денеска во Основниот кривичен суд во Скопје го започна своето сведочење за случајот „Рекет“ каде што е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување.
Таа потсети дека СЈО било респектабилна институција која се прочула, не само во Европа туку и во светот, а обвинителите биле поистоветувани со Чарлиевите ангели.
„Мојата работа беше уникатна и несекојдневна. Никој во Македонија не може да ја спореди работата со друго обвинителство бидејќи СЈО беше и производ на неработата на другите обвинителства. Првпат во Македонија се слушна гласот на јавниот обвинител. Не само да наведува паушални обвинувања во обвиненијата туку да работи по словото на законот“,
зборуваше Јанева.

Народот конечно виде правда, рече сега обвинетата обвинителка, потсетувајќи се дека имале незапаметена поддршка од јавноста. Јанева ги пофали десетте обвинители посочувајќи дека имале целосна независност во работата.
„Ние ја организираме првата прес-конференција за најголемиот случај во историјата на Македонија, ‘Титаник’. Во него првпат беа обвинети највисоките функционери“,
потсети Јанева.
Ниту еден предмет, рече таа, физички не бил во нејзината канцеларија, а сите кривични предмети биле отворани од страна на јавните обвинители во консултација со неа.
Таа зборуваше и за начинот на работа, за тоа дека на почеток не знаеле што ќе работат додека не ги добиле материјали за кои, како што напомена, купиле сефови со висок степен на безбедност, кои можеле да бидат ставени во оган еден час и да не се стопат. Напомена дека нејзини заменици биле Елизабета Јосифоска и Ленче Ристоска, а сакала да ја стави и Фатиме Фетаи, но таа одлука за промена не била одобрена од Советот.
Нејзиното сведочење е во тек.
*Поврзани вести:
Јанева: „Империја“ беше пред обвинение, каде се сега и тој и другите предмети?
Јанева: Боки не ми влијаел за предметите, разговаравме за мода и килажа
Русковска: Факт е дека Јанева примила 50 000 евра, не е битно дали потекнуваат од Камчеви
Боки за политичкиот ангажман: Ќе го надминам Јосип Броз Тито
„Рекет“ во завршница: Завршни зборови на 19 мај
Каде завршил „Луј витонот“ – за Боки се вратил кај Камчев, за Русковска во куќата на Јовановски