Собранискиот претседател Талат Џафери во вечерашното гостување на емисијата „Вин Вин“ на Телма, информира дека добил покана за учество на лидерската средба закажана за 12 мај од кабинетот на претседателот на државата и оти по завршувањето на вонредната состојба Државната изборна комисија веднаш треба да почне со подготовка на изборите.
„Не може Државната изборна комисија да условува. Таа е обврзана според решение на претседател на Собранието, а во случајов и според уредбата е должна да постапи по роковите како што застанала. Евентуално по однос на она што Избирачкиот список бил ажуриран до 12 април, па ќе биде нов датум, кој ќе биде, до тој датум Изборниот законик, обврските на државните органи посебно МВР и Министерство за Правда кај што е матичната служба имат периодична обврска на три месеци да достават извештај за ажурирање на Избирачкиот список. Изборниот законик вели дека сите граѓани кои до денот на изборите ќе наполнат 18 години мора да бидат на Избирачки список по службена должност од списокот што ќе го достави дотичното Министерство до ДИК по распишување на изборите. Значи, тука нема никаков проблем во смисла на она што е санкционирањето на состојбата“
рече Џафери.
Тој вели дека нема обврска да одговори на иницијативата поднесена од 35 пратеници за повторно свикување на Собранието кое е распуштено за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба од страна на претседателот Стево Пендаровски.
„Изричито мое право и надлежност како претседател на Собранието е дали ќе свикам или нема да свикам седница. Ако сметаат дека сум ја злоупотребил својата функција можат да поднесат кривична пријава“,
вели Џафери.
Џафери го повтори ставот дека самораспуштен Парламент не може да решава веќе, бидејќи го вратил мандатот на суверенот, а Уставниот суд е единствен орган кој суди по основ на конфликт на надлежности. Ваквиот негов став, смета дека е во согласност и со одлуката на Уставниот суд за поништување на одлуките за одложено распуштање на Собранието од 18 јануари и 23 февруари, 2016 година.
„Со решението за свикување седница за да вратам Парламент кој што се решил да го врати својот мандат јас го прекршувам Уставот и правам кривично дело злоупотреба на службената должност и функција. ..Во моментот кога сум констатирал според процедурите дека Собранието со 108 гласови „за“ и ниту еден против и воздржан, констатирам дека Собранието донело одлука за распуштање. Од тој момент не земјотрес, не оган, не епидемија, пандемија не постои Собранието со право да одлучува. Тоа треба да го разберетете како дух на Уставот. Јас немам персонално, лично право ниту институционално право да го вратам“,
појаснува Џафери.
Тој посочува и дека фактичка состојба што Собранието не може да се врати е и што претседателот на државата при првиот предлог од Владата за донесување одлука за вонредна состојба, го прифатил неговото укажување дека Собранието не може да се состане.