Коментарот на премиерот доаѓа по изјавата што вчера по Генералниот совет на ДУИ ја даде партискиот лидер Али Ахмети, оти ќе го демонстрираат своето незадоволство и револт поради, како што рече, формирањето влада која нема етнички легитимитет
Секој граѓанин има право да ги користи демократските алатки за да го изрази своето незадоволство, но доколку тоа е на штета на унитарниот карактер, на законите и Уставот, Владата ќе мора тоа да ги заштити. Ова е коментарот на премиерот Христијан Мицкоски во врска со изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, оти ќе го демонстрираат своето незадоволство поради формирањето на Владата за која оцени дека нема етнички легитимитет.
„Вчудовиден сум како ДУИ не извлече поука дека треба да го искористи овој период во опозиција, да се реформираат кадровски и програмски и на некои од наредните избори да излезат и да понудат нови кадровски и програмски решенија. Вчудовиден сум како раководството на ДУИ ги дели Албанците како никој досега во минатото во Македонија на подобни и неподобни. Тоа го прави раководството на ДУИ кое се повикува на легитимитет од страна на Албанците. Жалам што продолжуваат да тонат во своето политичко мочуриште“,
рече Мицкоски.
Пораката и кон ДУИ и кон СДСМ, рече Мицкоски, е дека раката кон нив ќе биде секогаш подадена кога станува збор за државниот интерес, интересот на граѓаните и државата – да застанат рамо до рамо со владините политики или да се изградат заеднички политики и консензус.
„Ние не сакаме да биде ова еднонасочна, туку двонасочна улица зашто на граѓаните им е преку глава од политички игри, сплетки и поделби. Граѓаните сакаат единство, сакаат проекти, сакаат да реализираме нешто што ќе биде додадена вредност во нивните животи“,
додаде премиерот.
Коментарот на Мицкоски доаѓа по изјавата што вчера по Генералниот совет на ДУИ ја даде партискиот лидер Али Ахмети оти ќе го демонстрираат своето незадоволство и револт поради, како што рече, формирањето влада која нема етнички легитимитет.