Во таа насока, шефот на грчката дипломатија додаде дека без целосно усогласување со европското законодавство и без почитување на меѓународното право и меѓународните договори членството во ЕУ е незамисливо
Државата и политичкото раководство на Северна Македонија одлучи да не го користи уставното име – Северна Македонија на домашната политичка сцена, што според шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис е флагрантно кршење на Преспанскиот договор.
Во изјава за медиумите пред почетокот на состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург, министерот за надворешни работи, говорејќи за пристапниот процес на земјите од Западен Балкан во ЕУ, посебно се осврна за земјава и полемиката околу употребата на уставното име од новото државно раководство.
„Во контекст на ова, мора да дадам коментар во однос на Северна Македонија. Државата и политичкото раководство на Северна Македонија избраа да не го користат уставното име – Северна Македонија на домашната сцена. Тоа е флагрантно кршење на Преспанскиот договор кој предвидува дека името на државата ќе биде едно и единствено (ерга омнес) за севкупна употреба и тоа е Северна Македонија“,
рече Герапетритис.
Во таа насока, шефот на грчката дипломатија додаде дека без целосно усогласување со европското законодавство и без почитување на меѓународното право и меѓународните договори членството во ЕУ е незамисливо.
„Мора да разбереме дека меѓународниот закон е основа на светскиот мир и безбедност во кој не постои процес во кој го избираш она што ти се допаѓа, а што не за членство во Европската Унија. Без целосно усогласување со европското законодавство и без целосно почитување на меѓународното право и меѓународните договори тоа е незамисливо“,
изјави Герапетритис.
Во врска со пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, тој кажа дека Грција отсекогаш била движечката сила во овој процес и оти и понатаму смета дека тоа е од взаемна корист и за Европа и за земјите од Западен Балкан.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој од синоќа ја презеде функцијата, уште минатата недела, во телевизиско гостување, најави дека заклетвата како нов премиер ќе ја даде со уставното име на државата и оти тоа ќе го користи и во неговите настапи во странство. Но, Мицкоски беше дециден дека во неговите настапи на домашната сцена и во давањето на изјави ќе го користи името „на мојата држава, а тоа е Македонија“.
Тој вели дека неговиот став не се променил, дека постојано зборува Македонија и оти ќе продолжи така. Но, додаде и дека не може како влада да бараат од граѓаните да ги почитуваат законите и Уставот, а тие да калкулираат и да имаат двојни стандарди.
Мицкоски повтори дека негово елементарно човеково право е како ќе ја нарекува неговата татковина. Таа е Македонија и ќе остане Македонија, вели Мицкоски.
Според него, случајот со заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, кога таа не го изговори уставното име на државата, туку рече Македонија, е поинаков бидејќи таа заклетва била содржана во Изборниот законик кој, пак, за разлика од Деловникот, не е променет.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во досегашните своите јавни настапи не го користи уставното име на државата, исто како и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека негово човеково право е да ја нарекува државата како сака, што предизвика остри реакции од Грција и од стратешките партнери на државата, ЕУ и САД, да се почитува Преспанскиот договор.