На струшкиот градоначалник му се суди по три обвиненија за незаконско назначување на в.д. директори во основни училишта во Подгорци, Лабуништа и Струга, кои судот ги спои во еден предмет. Во посебен предмет е одвоена постапката за училиштето во Велешта, каде што покрај Мерко обвинети се уште три лица – наставничка, директор и помошник-директор
Воопшто не се чувствувам виновен за кривичните дела за кои сум обвинет, рече струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на денешното рочиште во Основниот суд во Струга, каде што му се суди за незаконско назначување на в.д. директори во три основни училишта во општината.

Мерко се најде на обвинителна клупа откако за нешто повеќе од два месеци годинава против него Основното јавно обвинителство Струга поднесе неколку обвиненија од кои најголем дел се однесуваат токму на незаконско именување на в.д. директори во училишта.
Градоначалникот, сепак, не чувствува вина, затоа што, како што рече денеска, со тоа обезбедил континуитет на работата на училиштата.
„Воопшто не се чувствувам виновен за кривичните дела за кои сум обвинет, затоа што сум направил еден континуитет на работа на основните училишта“,
ја пренесува Телма изјавата на Мерко во судницата на струшкиот суд.

На денешното рочиште, како сведок на обвинителството сведочеше поранешниот в.д. директор на училиштето во Подгорци, Адем Ајдаровски. Тој пред судот потври дека кога бил назначен на функцијата не бил вработен во училиштето. Ајдаровски трипати бил именуван за в.д. директор и покрај укажувањата од просветниот инспекторат дека не ги исполнува условите. Од функцијата бил разрешен по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
Обвинителот на ОЈО Струга, Џемал Лога, кој застапува обвинението, во изјава за медиумите рече дека имаат докази и оти ќе докажат дека обвинетиот ги сторил делата за кои се товари.
Каква ќе биде пресудата за струшкиот градочалник, обвинителот рече дека ќе одлучи судот.
„Ако не се согласиме со пресудата ќе поднесеме жалба до Апелацискиот суд во Битола“,
изјави обвинителот Лога.

Инаку, на Мерко му се суди по три обвиненија за незаконско назначување на в.д. директори во основни училишта во Подгорци, Лабуништа и Струга кои судот ги спои во еден предмет. Во посебен предмет е одвоена постапката за училиштето во Велешта. Таму покрај Мерко обвинети се уште три лица – наставничка, директор и помошник-директор. Наставничката се товари дека употребила три лажни јавни исправи за полагање стручен испит во Државниот испитен центар, додека струшкиот градоначалник со директорот и помошник-директорот ги гони дека ги прифатиле фалсификуваните документи и ја вработиле провообвинетата како наставник, која подоцна била назначена и за в.д. директор на училиштето.
„За училиштето во Велешта се води еден предмет, затоа што таму се повеќе обвинети, четворица. Покрај кривичното дело за несовесно работење во службата дел од обвинетите се гонат и за фалсификување исправа, значи во тој предмет има две кривични дела. За другите училишта споени се три постапки во еден предмет“,
изјави судијата во Основниот суд Струга, Јордан Јованов.

Покрај обвиненијата за незаконски назначувања на директори, струшкиот градоначалник е обвинет и за злоупотреба на службената положба и овластување за набавката на службеното луксузно возило „ауди а6“ од 67 000 евра на трошок на Општината во услови кога таа се наоѓаше во долгови и со блокирана сметка, а обврските и се сервисираа преку релоцирање средства од централниот буџет на државата.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски неодамна во интервју за „360 степени“ рече дека против струшкиот градоначалник од ОЈО Струга е поднесено уште едно, петто обвинение за несовесно работење во службата, кое исто така се однесува на именување на директор од 2018 до 2022 година.
Името на Рамиз Мерко во јавноста се реактуализира минатото лето кога американскиот Стејт департмент го стави на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција, а од почетокот на годината против него почнаа да се редат обвиненија.