По денешниот Самит се испратија пораки за европската перспектива на Западен Балкан, но и пораки дека властите во овие земји треба да ги продолжат реформите
Западен Балкан е апсолутен приоритет за Европската унија (ЕУ) и Европската комисија (ЕК). Самитот на ЕУ е сведоштво за важноста којашто Унијата му ја придава на регионот, порача претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
„Западен Балкан и припаѓа на Европската унија и тука за тоа нема никакво прашање, затоа цврсто верувам дека ЕУ има посебна одговорност кон партнерите во регионот“,
рече Фон дер Лајен во говорот по видео-самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан.
Таа, исто така, соопшти дека регионот на Западен Балкан покажал јасни знаци на солидарност со ЕУ во тешкиот период за време на пандемијата на коронавирусот, и се заблагодари за тоа.
Ова е јасна порака, рече Фон дер Лаејн, истакнувајќи дека ЕУ исто така одредила пакет финансиска помош за Западен Балкан.
Таа порача и дека властите во земјите на Западен Балкан треба да продолжат со реформите за владеење на правото, спречување на корупцијата, реформите во администрацијата.
Конкретните прашања поврзани за процесот на проширувањето, како отворањето на преговорите со Скопје и Тирана или отворање на нови поглавја со Подгорица и Белград, очекувано не беа дел од овој Самит, јави дописничката на МИА, по прес-конференцијата на Фон дер Лајен.
Сепак, повеќе пати беше поздравена одлука за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, донесена на 26 март годинава.
„Како Хрватска сметаме дека крајно време беше да се донесе одлуката за Северна Македонија и Албанија, како и за новата методологија за пристапните преговори“,
изјави хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, надоврзувајќи се на зборовите на Урсула фон дер Лајен која повтори дека оваа одлука претставува “силен сигнал“.
Во однос на ова прашање, претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, потсети дека до пред неколку месеци ЕУ не беше во можност да се усогласи во однос на проширување, разлики кои се денес се надминати.
„Токму поради нашиот политички ангажман ја донесовме одлуката за Северна Македонија и Албанија и нашата порака е многу силна, а после кризата со Ковид-19 ќе биде суштински да развиеме силна стратегија, да инвестираме на краток и на долг рок, да се намалат тензиите, да се имплементираат реформите“,
додаде Мишел.
И тој порача дека се потврдува европската перспектива на Западен Балкан, но како и фон дер Лајен, потенцираше дека е важно да продолжат реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите.