Поранешните премиери на С Македонија и Грција во заедничката колумна за „Еуроактив“ ги повикуваат Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење оти почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација
По неодамнешните избори во Северна Македонија, новото раководство даде провокативни изјави, нарушувајќи го словото и духот на Преспа – порачаа во заедничка колумна експремиерите на С Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во чие раководство на владите на двете земји беше постигнат Преспанскиот договор.

Поранешните премиери во заедничката колумна за „Еуроактив“ ги повикуваат Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење оти почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација.
Кршењето на Преспа, додаваат Заев и Ципрас, дополнително ќе го дестабилизира регионот и ќе доведе до егзистенцијален предизвик не само за европската иднина на С Македонија, туку и за нејзината иднина како целина.
„Во исто време, доколку Договорот се почитува целосно, ЕУ мора да биде подготвена да го остави зад себе секој ‘пристап како вообичаено’ што го видовме во изминатите шест години и да усвои проактивен, постепен пристап кон проширувањето, по сугестија на многу европски претставници и експерти. На сите земји во регионот мора да им биде јасно дека мирното решавање на споровите има придобивки за народите на Балканот и нивните раководства. Дека жртвите се наградуваат, а не се цинично игнорирани“,
пишуваат Заев и Ципрас во заедничката колумна.
Порачуваат дека во време кога екстремната десница добива сила, демократските, умерените, а особено прогресивните лидери мора да работат заедно и да ги засилат напорите во спротивставување на национализмот.
„Нагласувањето на предностите на европското единство нема да биде доволно. Единствениот начин да се застане цврсто на европските вредности, во денешниот свет, е да се биде проактивен во донесувањето на одлуките за кои сите знаеме дека се неопходни, без оглед на нивната политичка цена“,
додаваат експремерите на С Македонија и Грција,
Во овој контекст, најавуваат дека нивните организации Институт „Алексис Ципрас“ и Фондација „Зоран Заев“ организираат Меѓународна конференција за мир и одржлив развој што ќе се одржи во Атина на шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, 17 и 18 јуни. На настанот, како што најавуваат, ќе бидат присутни истакнати владини лидери, светски експерти и претставници од целиот демократски политички спектар.
„Нашата цел ќе биде да го поддржиме спроведувањето на Договорот и да ја истакнеме одговорноста на ЕУ и меѓународната заедница по ова прашање. Најважно е да се отвори искрен и конструктивен дијалог за иднината на Европа и регионот – дебата која денес е понеопходна од кога било со оглед на подемот на екстремната десница и национализмот, како и зголемената регионална дестабилизација“,
пишува во заедничката колумна на Заев и Ципрас.