Претставниците на Токсикологија ја информирале Манолева дека во најбрзо време ќе се состанат и ќе достават предлог до Министерството за здравство

Заменик-министерката за здравство Маја Манолева побарала од стручниот и лекарскиот колегиум на Клиниката за токсикологија да дадат предлог за именување медицински директор кој треба да ги исполнува условите согласно законот.
Манолева барањето го изнела на денешната средба со дел од стручниот колегиум и претставници на лекарскиот колегиум од Клиниката.
Од страна на претставниците на Токсикологија била информирана дека во најбрзо време ќе се состанат и ќе достават предлог до Министерството за здравство.
Клиниката за токсикологија е без медицински директор откако министерот за здравство во техничката влада Илир Демири на 14 мај го разреши д-р Данил Петровски, кој на оваа функцијата беше поставен на 15 декември минатата година.
Петровски беше разрешен поради, како што рекоа од Здравство, негово несовесно работење во целиот изминат период.
Разрешувањето на Петровски беше најавено на 22 април, а за економската директорка Бесија Иљази, Демири тогаш рече дека нема констатирано ниту едно прекршување, иако ја испитувал состојбата три недели.
Претходно до медиумите беше испратено писмо од страна на вработените во Токсикологија, а во кое велеа дека со назначување на в.д. организациската директорка Бесија Иљази на Клиниката за токсикологија се случува деорганизација, а не организација во оваа здравствена установа, за што Демири рече дека лекарите се служат со навреди.
Лекарскиот колегиум на оваа Клиника на чело со проф. д-р Нико Беќаровски, раководител на одделот за интензивна нега, пред тоа, реагираше дека се соочуваат со, како што изјавија, тотален отпор и несоработка со организациската директорка на Клиниката за токсикологија.
Според Беќаровски, економската директорка инсистира да бидат вработени 18 лица на кои на крајот на годината им биле истечени договорите, а како што додаде Клиниката реално нема потреба од толкав број на вработувања.
Организациската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази вели дека клиниката има потреба од вработување на 18-те лица и затоа инсистирала да се направат договорите и вели дека се обидува максимално да го реши овој проблем. Таа додава дека на 28 февруари било испратено барање до Министерството за здравство, кое било прифатено и од каде што добиле дозвола дека слободно може да се направат договорите.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши контрола на Клиниката за токсикологија во однос на договорите за работа при што констатира дека договорите се со потпис од само еден директор. Оттаму рекоа дека ќе го испратат до Министерството за здравство предметот од контролата што ја направиле на Клиниката за токсикологија, за да ја провери валидноста на договорите за вработување кои се направени за 18-те лица што беа спорни во изминатиот период.
Клиниката за токсикологија периодов ја тресат низа скандали. Неа ја предводи само организациската директорка Бесија Иљази.