Оваа учебна година основците и средношколците за првпат имаа пролетен распуст кој траеше од 26 април до 6 мај. Поради тоа и крајот на учебната година за основците се продолжува до 17 јуни

За средношколците денеска е последниот училишен ден во оваа учебна година, додека основците во училишните клупи ќе останат уште една недела, односно до 17 јуни наместо како што тоа беше случај години наназад.
На 17 јуни требаше да заврши учебната година за сите ученици, но Министерството за образование и наука излезе во пресрет на барањето на Сојузот на средношколци и реши тие годинава да завршат на 10 јуни.
„Во Законот за основно образование се одредени точен број работни денови (180) во основното образование. Во Законот за средно образование не е одредена законска обврска за точен број работни денови. Сите одлуки се донесуваат во консултација со тие што се засегнати. Сојузот на средношколци побара освен пролетниот распуст, заради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни. Тоа го дозволуваше законот и ние тука постапивме“,
рече пред два месеца министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Оваа учебна година основците и средношколците за првпат имаа пролетен распуст кој траеше од 26 април до 6 мај. Поради тоа и крајот на учебната година за основците се продолжува до 17 јуни.
Матурантите во изминатите две саботи ги полагаа двата екстерни испита од државната матура и резултатите треба да ги очекуваат најдоцна до 8 јули.
Полуматурантите, пак, овој месец ќе се запишуваат во средно образование. Пријавувањето и запишувањето на учениците во јунскиот уписен рок ќе биде во две пријавувања. Според Конкурсот за запишување во средно образование, првото електронско пријавување ќе биде од 20 до 25 јуни и второто на 1 и 2 јули.
Аплицирањето е електронско преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука (e-uslugi.mon.gov.mk).
Одлуката во врска со почетокот, датумите за одвивањето на наставата и одморите за учениците за оваа учебна година беше епилог на речиси двомесечените анализи што ги правеше Министерството за образование и наука.
На маса беа три предлози на МОН – учебната 2023/2024 година да започне на 11 септември и да заврши до крајот на јуни. Вториот предлог беше да остане почетокот на вообичаениот датум 1 септември, а во текот на учебната година да има и краток пролетен распуст. Третиот предлог беше учебната година да почне на 1 септември и да заврши како и досега, на 10 јуни.