Катар, кој е посредник меѓу Израел и Хамас во прашањето за Газа, објави дека на Хамас му го пренел израелскиот предлог кој во три фази го отсликува предлогот на претседателот Бајден и дека сега документот е многу поблиску до позициите на двете страни
Одговорот на Хамас на израелскиот предлог за прекин на огнот претставен од американскиот претседател Џо Бајден во петокот сè уште се чека, изјави за новинарите советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
„Чекаме одговор од Хамас преку катарските посредници“,
рече Саливан додавајќи дека директорот на ЦИА, Бил Барнс, ќе биде во Доха на консултации со катарските посредници за предлогот за прекин на огнот во Газа.
Катар, кој е посредник меѓу Израел и Хамас во прашањето за Газа, објави дека на Хамас му го пренел израелскиот предлог кој во три фази го отсликува предлогот на претседателот Бајден и дека сега документот е многу поблиску до позициите на двете страни.
Портпаролот на Хамас, кој е на власт во Газа од 2007 година, повтори дека не може да се согласи на каков било договор доколку Израел јасно не се обврзе на траен прекин на огнот и целосно повлекување од Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, повтори дека нема да има траен мир доколку Хамас не биде искоренет, во време кога тој се соочува со длабоки политички поделби околу предлогот на САД.
Повеќе од 36 000 луѓе загинаа во израелските напади врз Газа, според локалното Министерство за здравство, владее глад, поголемиот дел од енклавата е срамнета со земја, а се изнесени тврдења за геноцид, што Израел ги отфрла.
Израелскиот напад следуваше по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој според израелските податоци загинаа 1 200, а беа заробени 250 луѓе.
Новиот предлог што го претстави Бајден предвидува три фази. Првата е предвидено да трае шест недели и вклучува целосен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од сите населени области во Газа, ослободување голем број заложници (вклучувајќи жени, постари, ранети) и ослободување стотици палестински затвореници, како и ослободување американски заложници.
Дополнително, во првата фаза, како што кажа Бајден, цивилите ќе можат да се вратат во своите домови и населби во сите области на Газа, вклучително и на север. Исто така, во оваа фаза се предвидува околу 600 камиони секојдневно да доставуваат хуманитарна помош во Појасот, која безбедно и ефикасно ќе биде дистрибуирана до оние на кои им е потребна.
За време на првата фаза, Израел и Хамас ќе преговараат за аранжманите за да се дојде до втората фаза, која треба да доведе до траен крај на непријателствата, рече Бајден.
Во неа Хамас ќе треба да ги ослободи сите преостанати живи заложници кои милитантната група ги киднапираше на 7 октомври лани, вклучително и војници, а израелските сили, од друга страна, да се повлечат од Газа.
Третата фаза ќе вклучува голем план за реконструкција на Газа, како и враќање на посмртните останки на сите убиени заложници на нивните семејства.