„Секое училиште ќе го добие тиражот што го има побарано преку посебна електронска апликација на Министерството“, информираат од ресорното министерство
Учениците од прво до седмо одделение ќе ги добијат учебниците навремено, во септември, на почетокот на новата учебна година, соопшти денеска Министерството за образование (МОН) посочувајќи дека во тек е испораката на учебниците, кои се одобрени од Националната комисија за учебници.
Оттаму велат дека процесот ќе биде заокружен на почетокот на идниот месец, како и дека постапката за печатење на новите учебници започнала пред две недели.

„Секое училиште ќе го добие тиражот кој го има побарано преку посебна електронска апликација на Министерството“,
информираат од МОН.

Според ресорното министерство, прашањето со новите учебници го решиле системски и долгорочно, зашто тоа, како што посочуваат, е еден од основните услови за квалитетна едукација, односно воспитно-образовен процес.
„Во меѓувреме, МОН заедно со другите надлежни институции ќе продолжи да вложува во изработка на нови наставни програми и учебници“,
велат од ова министерство.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во септември минатата година утврдила дека Министерството за образование и наука (МОН) не ја отстранило констатираната повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование до 31 август, што било нивна законска обврска.
Тогаш, од КСЗД посочија дека од вкупно 126 учебници по задолжителните предмети, нема дури 43. Само учениците во прво и во второ одделение ги добиле сите учебници.
Од МОН тогаш тврдеа дека навремено ги почнале активностите за изработка на учебниците согласно важечката наставна програма, а дека нивната изработка е комплексен процес кој зависи од повеќе фактори кои се независни од системското влијание.