Коалицијата „Вреди“, покрај пет министерства и еден министер без ресор, ќе го добие и претседателското место во Собранието
Во финиш се и преговорите со партијата ЗНАМ, за која се најавува дека ќе добие две министерства – за правда и новото министерство за администрација
Распоредот на ресорите во новата влада, за чие формирање коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ води преговори со коалицијата на опозициските партии на Албанците, „Вреди“, а деновиве беше вклучена и партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски, е пред финален договор, велат последните информации за кои брифираат извори од ВМРО-ДПМНЕ.

Според она што може да се дознае, победникот на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај, коалицијата „Твоја Македонија“, ќе управува со Министерствата за внатрешни работи, за финансии, за транспорт и врски, потоа Министерството за образование и Министерството за култура.
Кадар на ВМРО-ДПМНЕ ќе раководи и со Министерствата за надворешни работи, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за локална самоуправа и со новото министерства за енергетика, рударство и минерални суровини.
Што се однесува до „Вреди“, според последните информации, оваа коалиција ги добива Министерството за животна средина и просторно планирање, а кадарот што ќе миинистерува со овој ресор треба да ја добие и функцијата вицепремиер.
На оваа коалиција ќе ѝ припаднат и Министерството за здравство и министерството за социјална политика, демографија и млади.
Министерството за економија и труд, исто така, оди во рацете на „Вреди“, заедно со секторот евроинтеграции, кој се очекува од секретаријат да прерасне во министерство. „Вреди“ добива уште еден министер без ресор, кој би бил задолжен за добро владеење и транспарентност.
Коалицијата на опозициските партии на Албанците, како што брифираат нашите извори, го добива и претседателското место во Собранието.
Во финиш се и преговорите со ЗНАМ, партија која, според нашите информации, ќе добие две министерства – за правда и новото министерство за администрација.

Се очекува овие денови да финишираат разговорите и во позитивен дух да биде потврдена новата реформска влада, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ.
Додека разговорите со „Вреди“ траат повеќе од една недела, првата официјална средба меѓу работните групи на ЗНАМ и на ВМРО-ДПМНЕ се одржа во саботата. На неа, како што соопштија од ЗНАМ, се разговарало за политичките начела и платформа за соработка, како и за стратегиските определби.
Од партијата на Максим Димитриевски посочија дека на средбата инсистирале идеолошките столбови на кои ја темелат својата платформа, како и дел од програмата за парламентарните избори „Проглас за достоинствена Македонија“ да бидат дел од идната владина програма.
Во четвртокот пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, по прегласувањето за парламентарните избори на седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 рече дека новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и дека веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.
Прегласувањето на парламентарните избори во изборната единица 6 ја намали разликата во освоени мандати меѓу двете коалиции кои ги претставуваат Албанците во државата. Коалицијата „Вреди“ сега има 14 претставници во парламентот, а коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ падна од 19 на 18 пратенички места.
За утре е закажан почетокот на конститутивната седница на новиот парламентарен состав, која според новиот Деловник за работа Собранието може да трае најмногу три дена и мора да заврши со избор на претседател на законодавниот дом.
Во пресрет на седницата, во „360 степени“ на МРТ 1 вечерва гостува Билал Касами, претседателот на Движењето Беса. Тој во интервјуто потврдува дека во ВЛЕН не се заинтересирани за министерството за односи меѓу заедниците (сега Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците), познато како министерството на Артан Груби. Со Касами разговараме и на серија други актуелни теми.