„Најдоцна до почетокот на јуни ќе биде извршена испораката до сите основни училишта во државата, согласно побараниот тираж на учебници од секое училиште“, велат од ресорното министерство
Се печатат сите учебници од прво до седмо одделение за основното образование кои досега се одобрени од националната комисија и ќе се применуваат во учебната 2024 и 2025 година, соопштија денеска од Министерството за образование и наука.
Оттаму велат дека процесот е отпочнат навремено, во вообичаениот период на печатење како и во изминатите години, како и дека, според МОН, наскоро целосно ќе се заокружи.
„Најдоцна до почетокот на јуни ќе биде извршена испораката до сите основни училишта во државата, согласно побараниот тираж на учебници од секое училиште. Така, учениците новата учебна година ќе ја започнат со целосно нови испечатени учебници кои ќе ги пречекаат на нивните клупи“,
велат од МОН.
Според МОН, заедно со другите надлежни институции ќе продолжат да вложуваат во изработка на нови наставни програми и учебници затоа што, како што се вели во соопштението од оваа образовна установа, тоа е еден од основните услови за квалитетна едукација.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во септември минатата година утврдила дека Министерството за образование и наука (МОН) не ја отстранило констатираната повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование до 31 август, што било нивна законска обврска.
Тогаш, од КСЗД посочија дека од вкупно 126 учебници по задолжителните предмети, нема дури 43. Само учениците во прво и во второ одделение ги добиле сите учебници.
Од МОН тогаш тврдеа дека навремено ги почнале активностите за изработка на учебниците согласно важечката наставна програма, а дека нивната изработка е комплексен процес кој зависи од повеќе фактори кои се независни од системското влијание.