Излезот, како што рече, власта во гледа во две сценарија – бојкот на изборите и великодушни понуди кон ДУИ за взаемна поддршка на изборите на 8 мај
Оние кои се удираа во гради дека ќе сме сокриеле после изборниот ден јас денеска не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала Речица (седиштето на ДУИ) да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери.

Ова го кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг на партијата и коалицијата „Твоја Македонија“ во Кичево во рамките на продолжението на кампањата за парлементарните избори закажани за 8 мај.
Говорејќи за вчерашниот прв круг на претседателските избори, во кој кандидатката поддржана од нив, Гордана Силјановска-Давкова, освои убедлива победа, Мицкоски рече дека разликата од повеќе од 180 000 гласови во однос на нејзиниот противкандидат поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски е доволен показател дека народот е на нозе и дека се крена против власта.
„Ова е цунамито кое се крева и ќе се удри од главата на оваа власт. Народот се излеа и тоа незадоволство, тој бран на промени ќе ги порази“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Предупреди дека работата не е завршена и оти е важно разликата на изборите на 8 мај да биде поголема, затоа што добива информации за, како што рече, црни сценарија кои се коваат во противничките штабови.
„Потребно е жолтиот картон да стане црвен. На 8 мај е потребно масовно да се излезе и да се гласа за промени. Сметам дека е многу важно разликата да биде уште поголема затоа што добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и да планираат такви сценарија народот уште пожестоко ќе ги казни“,
кажа Мицкоски.
Излезот, како што посочи, власта во гледа во две сценарија – бојкот на изборите и великодушни понуди кон ДУИ за взаемна поддршка на изборите.
„И двете морам да кажам се губитники сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезеност и масовност на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите. И двете сценарија им се за тоа како ДУИ и СДСМ да извлечат некаква полза од сето тоа за сметка на пропаста и назадувањето на Македонија. Тоа нема да го дозволам. И затоа заедно со вас ќе извојуваме конечна победа, историска победа на 8 мај. Масовна излезеност против бојкот, обединување против овие две сценарија“,
порача Мицкоски од Кичево.
Во неговото обраќање тој говореше и за проектите од нивната изборна програма „Платформата 1 198“, со кои, како што кажа, мора да реализираат политики кои ќе внесат промени во економијата, животниот стандард, образованието, земјоделието, здравството…
„Фронт против корупцијата. Распуштање и законска реформа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Проверка на имотот на сите судии и обвинители“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Главен фокус, посочи тој ќе биде ставен на демографијата, бидејќи бадијала прават сè ако нема кому да го остават.
„Затоа ни е многу важна демографијата и затоа тука ќе имаме фокусирани мерки за поголем фертилитет, за повеќе деца на коишто сите ние ќе се радуваме. И она што е најважно, немојте никогаш да заборавите дека бракот е заедница не меѓу родител еден и родител два, туку бракот е заедница помеѓу маж и жена. Сето она што е содржано во нашата програма ‘Платформа 1 198’ е нешто кое што ќе го реализираме“,
рече Мицкоски.
На митингот во Кичево говореа и дел од коалциските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а обраќање имаше и носителот на листата во Изборната единица 5, Ѓорѓија Сајкоски.
„Кичево се радува, народот се радува во Кичево. Радувајте се бидејќи докажавме дека и Кичево е победнички град. Бил и ќе остане вмровски град. Вчера докажавме дека само заеднички и едиствени можеме да успееме да го прегазиме секој противник. И затоа нашиот противник ќе го снајде истото и на 8 мај. Ние не толерираме да лажат и крадат, ние таквите ги казнуваме. Сакам да ве повикам на 8 мај да излеземе во што поголем број и да донесеме историска победа за Македонија, да донесем историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“,
порача Сајкоски.
