Според Демири, директорката Иљази е легално назначена и ги исполнувала критериумите да биде на чело на таа клиника, но не знаеше да каже точно какво високо образование поседува таа
Во однос на информациите дека организациската директорка доаѓала на работното место само по четири часа, Демири најави дека инспекциските служби ќе треба да го утврдат тоа и рече дека доколку е вистина ќе ја разреши Иљази

Министерот за здравство Илир Демири денеска најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија. За економската директорка Бесија Иљази, Демири вели дека нема констатирано ниту едно прекршување.
„Три недели ја испитував ситуацијата и на жалост констатацијата е вистина. Јас сум длабоко уверен дека луѓето што користат вакви испади и навреди на национална основа не го мислат тоа. Медицинскиот директор и одредени лекари денеска и на Фејсбук имаат објавено навреди, не сакам да бидам нивни портпарол. Тврдам дека не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Јас ќе преземам сериозни мерки. Медицинскиот директор денеска ќе го разрешам иако сме влезени во изборите“,
рече Демири одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Во однос на вчерашното писмо кое беше испратено до медиумите од страна на вработените во Токсикологија, а во кое велат дека со назначување на в.д. организациската директорка Бесија Иљази на Клиниката за токсикологија, на само еден ден пред формирањето на техничката влада се случува деорганизација, а не организација во оваа здравствена установа, Демири рече дека лекарите се служат со навреди.
„Стручниот колегиум комуницира со медиумите, лекарите што се служат со навреди комуницираат со навреди и денеска повикале на прес-конференција. Јас сум министер за здравство, сите неусогласувања треба да дојдат тука, а не да се искористат за дневни политички цели“,
рече тој.
Демири рече и дека денеска потпишал решение за да се спроведе длабоко истражување од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од трудовиот инспекторат.
Според Демири, директорката Иљази е легално назначена и ги исполнувала критериумите за да биде на чело на таа Клиника, но не знаеше да каже точно какво високо образование поседува таа.
На прашањето зошто директорката Иљази денеска на прес-конференција давала изјави само на албански јазик, Демири рече дека ако има потреба со преведувач ќе даде и друга изјава.
Во однос на информациите дека организациската директорка доаѓала на работното место само по четири часа, Демири најави дека инспекциските служби ќе треба да го утврдат тоа и рече дека доколку е вистина ќе ја разреши Иљази.
„Секој еден вработен во државна институција, независно од позицијата, има обврска да го исполнува своето работно време и да се евидентира. Со тоа треба да се занимаваат инспекциските служби“,
рече Демири.
За по изборите, Демири обраќајќи се на сите оние што, како што рече не се дел од власта и не се чувствуваат така, а се на директорски функции, ги повика јавно да си дадат оставка.