Според официјалните информации на ОЈО ГОКК, за шестмина од осомничените припадници на затворската полиција од скопскиот затвор „Идризово“, кои се осомничени дека како група и постапувајќи со умисла директно се одговорни за бегството на затвореникот, е отворена истрага и се бара да им биде одреден притвор. Против преостанатите 11 нивни колеги постапката е сè уште во фаза на предистрага и за нив надлежен јавен обвинител предложил до Судот да им одреди мерки на претпазливост
Припадниците на затворската полиција кои утрово биле уапсени во акцијата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) и на Министерството за внатрешни работи (МВР) се осомничени дека му овозможиле на затвореник осуден за убиство да побегне додека бил на лекување во приватна болничка установа.

Според официјалното соопштение на ОЈО ГОКК, за шестмина од осомничените затворски полицајци веќе од денеска е отпочната истражна постапка по наредба на јавен обвинител, додека против преостанатите 11 нивни колеги сè уште се води предистражна постапка.
Она што е заедничко и за едните и другите е што се осомничени дека помогнале на осудениот за кривичното дело убиство да ја напушта просторијата во болницата каде што се лекувал и во даден момент да побегне, без притоа затворските полицајци за кои е отворена истрага да го пријавата бегството кај своите претпоставени.
Според Обвинителството, петмина од осомничени затворски полицајци се товарат за кривичното дело овозможување бегство на лице лишено од слобода по член 372 став 2 од Кривичниот законик, додека еден се гони за помагање во извршување на кривичното дело. Делото за кое се товарат, според Обвинителството, осомничените го сториле како група и со умисла.
Другите 11 осомничени, за кои постапката е во фаза на предистрага, се гонат за противзаконито ослободување лице лишено од слобода по член 373 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Во соопштението не е наведен идентитетот на осуденикот чие бегство осомничените се товарат дека го овозможиле, како и идентитетот на затворските полицајци опфатени со истрагата.
„По повеќемесечна предистражна постапка, под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, денеска беше спроведена акција од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во која се приведени 17 лица. Предметниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест лица, од кои за петмина постои основано сомнение дека во текот на октомври минатата година сториле кривично дело овозможување бегство на лице лишено од слобода по чл. 372 ст. 2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.

Во него се наведени и детали за редоследот на настаните што му претходеле на бегството на затвореникот кое се случило на 26 октомври минатата година. Имено, според ОЈО ГОКК, осуденикот бил на лекување во приватна здравствена установа во Скопје и согласно прописите било обезбедувано од затворската полиција од Казнено-поправниот дом „Идризово“.
Критичниот ден, се наведува во соопштението, осуденикот придружуван од двајца од осомничените полицајци отишол во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. По половина час поминати со затвореникот во просторијата, полицајците си заминале и го оставиле осуденикот, кој потоа излегол и со возило се дал во бегство.
„Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини во КПУ- КПД ‘Идризово’ ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата каде што биле затекнати од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција (ЕИП) при МВР-СВР Скопје“,
се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.
Другите 11 осомничени за кои се води предистражна постапка, пак, според описот на дејствијата за кои се гонат, од 19 до 26 октомври лани како созивршители, додека биле на смена, го ослободувале затвореникот, односно му овозможувале непречено да ја напушта болницата и да се враќа назад по повеќечасовно отсуство.
Инаку, затворските полицајци и од едната и од другата група, денеска се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.
За шестемина осомничени од јавниот обвинител од ОЈО ГОКК бара да им биде одредена мерка притвор поради опасност од бегство, сокривање, фалсификување или уништување на трагите од кривичното дело, како и можноста дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата.
За единаесетте лица за кои се води предистражна постапка, пак, обвинителот предложил мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање; забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

Од Основниот кривичен суд Скопје за „360 степени“ потврдија дека осомничените се спроведени во Судот и дека во текот на денот судија на претходна постапка ќе донесе одлука по предложените мерки за обезбедување присуство.
Инаку, како што потсетуваат од ОЈО ГОКК, за кривичното дело за кое се гонат шестемина затворски полицајци – овозможување бегство на лице лишено од слобода – е предвидена затворска казна од една до десет години, додека за противзаконито ослободување лице лишено од слобода казната се движи од три месеци до пет години затвор.
