Ексамериканскиот претседател се товари дека преку својот адвокат незаконски ѝ исплатил 130 000 долари на поранешната актерка во филмови за возрасни Сторми Даниелс за да молчи за нивната наводна афера, пред изборите во 2016 година. Тој претходно ги отфрли ваквите обвинувања како неосновани и политички мотивирани
.Поранешниот американски претседател и актуелен кандидат за функцијата од редовите на републиканците, Доналд Трамп, денеска треба да се појави во окружниот суд во Њујорк каде што треба да почне судски процес против него, пренесуваат светските медиуми. Станува збор за прв судски процес во историјата на САД, во кој на обвинителна клупа ќе седне поранешен претседател на Соединетите Држави кому ќе му се суди за кривично дело.

Трамп е обвинет за фалсификување на деловни книги за да го прикрие поткупот што и го исплатил на поранешната ѕвезда во филмови за возрасни, непосредно пред претседателските избори во 2016 година, потсетува Би-би-си.
На 77-годишниот Трамп, доколку биде осуден, му се заканува максимална казна затвор од четири година, која, како што наведува британскиот сервис, тој би можел да ја избегне и да се соочи со друга санкција.
Поранешниот американски претседател се товари дека преку својот адвокат ѝ исплатил 130 000 долари на Сторми Даниелс за да молчи за нивната наводна афера, пред изборите во 2016 година.
Во врска со обвинувањата, Трамп се изјасни за невин оценувајќи ги како политички мотивирани.
Судењето на Трамп, кое експертската јавност го оценува како историско и без преседан, доаѓа во пресрет на кампањата за претседателските избори во САД, што ја отвора можноста потенцијалниот кандидатот на републиканците да стане осуден за кривично дело, неколку месеци пред граѓаните на земјата да излезат на гласање.
Судењето, кое денеска ќе започне со избор на поротата, се очекува да трае од шест до осум недели, а во фокусот ќе бидат парите што Трамп ги исплатил преку својот поранешен адвокат Мајкл Коен.
Имено 57-годишниот Коен во 2019 година сведочеше пред Конгресот дека добил задача од Трамп да исплати средства од буџетот за кампањата на Сторми Даниелс и на поранешната моделка на „Плејбој“, Карен Мекдугал, за да молчат за наводните афери со тогашниот кандидат и победник на претседателските избори во 2016 година. Тоа се случувало неколку дена пред претседателските избори во 2016 година, кога Трамп извојува победа над противкандидатот, демократката Хилари Клинтон.
Инаку ваквите исплати не се нелегални во САД, но според Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен Трамп извршил кривично дело со тоа што неоправдано го евидентирал рефундирањето на средствата како правни трошоци на неговиот адвокат.
Трамп е обвинет за вкупно 34 кривични дела за фалсификување деловни книги од прв степен. За да се донесе пресуда, сите 12 поротници мора да се усогласат дали Трамп е виновен или не за секое конкретно обвинение.
Експертите, како што пишува Би-би-си, се поделени околу силата на случајот на обвинителството, кој вклучува понов правен пристап за покренување обвиненија за кривични дела за фалсификување деловни книги.
Претходно Трамп направи неколку неуспешни обиди да го одложи судскиот процес или во најмала рака да го премести во Менхетен, делот од Њујорк кој го сочинуваат жители кои се претежно наклонети кон демократите.
Инаку, овој случај е само еден од четирите со кои се соочува Доналд Трамп оваа година. Сепак, конкретниот судски процес би можел да биде единствениот што ќе одржи пред изборите во ноември на кој експретседателот ќе се обиде да му се реваншира на актуелниот американски претседател Џо Бајден за поразот пред четири години.