Според лидерот на СДСМ, ветувањата кои на овие избори ги дава ВМРО-ДПМНЕ не се ништо поразлични од оние што ги давале на локалните избори
СДСМ со коалицијата и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски имаат јасна визија за европската интеграција на државата, порача денеска на средба со граѓаните на Водно, лидерот на партијата, Димитар Ковачевски. Според него, тие имаат јасен план и визија како до 2030 година Северна Македонија да стане земја членка на ЕУ, наспроти нивните политички конкуренти.
Тој нагласи дека ги научиле грешките и дека тие може да се поправат, а за себе рече дека никој подобро од него не знаел од што се незадоволни граѓаните.

„Пред сѐ, тука мислам на високите цени, на недоволното владеење на правото и на потребата за подобра борба со корупцијата. Од друга страна, ние работевме во услови на пандемија и на енергетска криза, којашто особено се засили по војната во Украина. Во тој период успеавме да ги зголемиме и платите и пензиите, ако ги споредиме само пензиите во однос на 2016, тие се зголемени за 50 отсто. Поддржавме огромен број на компании, граѓани земјоделци, невработени лица, самохрани родители и на тој начин успеавме да спасиме 80 000 работни места во време на пандемијата секако и во време на енергетската криза“,
рече Ковачевски.
Според лидерот на СДСМ, ветувањата кои на овие избори ги дава ВМРО-ДПМНЕ не се ништо поразлични од оние што ги давале на локалните избори.
„Дури и кампањата им е иста. Исто како што ја шетаа градоначалничката на Скопје Арсовска, велејќи дека таа ќе биде решението за Скопје, дека Скопје ќе стане најчиста метропола со електрични автобуси, со средени улици и тротоари, денес гледаме дека Скопје е најзагадениот и највалканиот град не само во регионот, и пошироко. Тоа се очекувањата кои може да ги очекуваме и од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на тоа и ветувањата кои ги даваат практично немаат никаков план, мерки кои би ги спровеле, туку се празни ветувања, исто како што се случуваше во Скопје“,
изјави Ковачевски.

Тој оцени дека сега, во време на воени конфликти, се гледа колку е значајно членството во НАТО за нашата безбедност.
„Колку е значајно што донесовме тешки одлуки во однос на влегувањето во НАТО се гледа токму денес во време кога на сите страни во светот беснеат воени конфликти. Не е само војната во Украина, туку и конфликтот во Појасот Газа, вие гледате дека во текот на вчерашниот и денешниот ден има вооружен напад на Иран врз Израел. Тоа е, да кажеме, географски далеку од нас, но сепак земја која е дел од најголемиот одбранбен воено-безбедносен сојуз во светот, НАТО, не смее да се грижи и не треба да се грижи за својата безбедност и сигурност на граѓаните. Тоа е овозможено од СДСМ, од коалиционите парнртери, и секако од одлуките кои ги донесовме“,
рече Ковачевски по разговор со граѓаните на Водно и активностите на промотивниот штанд за претседателскиот кандидат Пендаровски.