Бојмацалиев најави дека внатрешната контрола при МВР ќе биде вклучена околу тоа што вчера се случувало, зошто е уапсен новинарот и на кој начин

За дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев разбирлива е бурната реакција на јавноста во врска со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу. Бојмацалиев денеска се воздржа од давање повеќе изјави од она што вчера беше наведено во соопштението од МВР.
Бојмацалиев најави дека внатрешната контрола при МВР ќе биде вклучена во врска со тоа што вчера се случувало, зошто е уапсен новинарот и на кој начин.
Тој додаде дека во моментов имаме министер кој е од политичка партија која во минатото знаеше да им се спротивстави на гласните новинари, да ги апси, да затвора телевизии и сосема оправдано е, вели, што граѓаните реагираат на овој начин.
„Во моментов имаме министер од политичка партија која во минатото знаеше да се спротивстави на гласните новинари, да затвора телевизии. Сосема оправдано што граѓаните реагираат, јас нема повеќе ништо да додадам од она што е соопштено од МВР. Од денеска за тоа што се случувало, зошто е уапсен и на кој начин новинарот, вклучена е и внатрешна контрола“,
рече Бојмацалиев одговарајќи на новинарски прашања при неговата денешна работна посета на СВР Охрид, Езерската полиција и на Граничниот премин „Свети Наум“.
Својот коментар Бојмацалиев најави дека ќе го даде по извештајот од спроведената контрола.
На новинарско прашање дали можело и поинаку да се постапи, Бојмацалиев рече дека секогаш постојат повеќе начини да се постапува, а дали тоа бил исправниот начин ќе го покаже внатрешната контрола по случајот.
Со реакции околу вчерашното приведување на Салиу денеска се јавија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачкиот СДСМ, вчерашното апсење на новинарот Салиу покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ нема промена и оти тоа е, како што велат, режимска партија. Оттаму сметаат дека ова е обид за замолчување и заплашување.
Партискиот портпарол од ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, денеска на прес-конференција рече дека Фуркан Салиу не е приведен затоа што е Албанец или Македонец, затоа што е православен или муслиман, затоа што е новинар или работник, затоа што е од ДУИ, СДС или, пак, нема политичка партија, приведен е затоа што попречил и нападнал службени лица од Министерството за внатрешни работи и незаконски чувал огнено оружје во својот автомобил со наполнета рамка куршуми.
„Прашањето овој пат не е дали тој имал дозвола за огнено оружје, туку фактот што, според информациите од МВР, незаконски го носел со наполнета рамка во своето возило, што е во целосна спротивност со законот,
изјави Стоилковски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ бара да се почитуваат сите права и слободи на новинарите „но немаме намера ниту да оправдуваме, ниту да браниме случај каде се нападнати полицајци“.
Салиу, кој вчера беше уапсен за време на инциденти на фудбалски натпревар, доцна синоќа излезе од полициска станица.
Во изјава за медиумите тој кажа дека смета оти е ослободен само затоа што работи како новинар и дека во спротивно би завршил во притвор.
Во однос на пиштолот, Салиу обвини дека откако е приведен приватниот автомобил му е претресен во негово отсуство.
Тогаш полицијата му го пронашла пиштолот, за кој вели дека имал дозвола и го чувал расклопен, како што сметал и дека треба да се чува.
На новинарско прашање дали е ова обид за негово замолчување откако деновиве објави документи за кои тврди дека покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план за пласирање лажни вести и лажни анкети, Салиу кажа дека не сака да верува во такво нешто. Но, го искритикува техничкиот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски.