Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, смета дека Владата лошо се справува со здравствената и економската криза која произлегува од епидемијата со коронавирусот.
„Заев и соработниците се занимаваат со внатрепартиски пресметки и матни зделки, а здравствените работници се оставени без долго најавуваната набавка на медицинска опрема и заштитни средства, кои им се неопходни за борба со епидемијата. Затоа, Македонија е рекордер по починати од корона на милион жители во целиот регион и имаме голем процент заразени здравствени работници“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие обвинуваат на сомнителни тендери како и дека има обиди од партиски активисти да поткупуваат гласови кај најзагрозените граѓани.
„Наместо за народот и стопанството тие се борат сред епидемија за фотелја и за нивниот џеб. Затоа Македонија има буџетска дупка од 120 милиони евра во првите три месеци и генериран нов долг од 250 евра за секое семејство. СДСМ и Заев знаат дека крајот на нивното владеење е многу блиску и стануваат се понервозни“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
