Во соопштението од австриската полиција, објавено утринава, се наведува дека врз основа на истрагата и поврзаните факти, јасно и без сомнение може да се исклучи врската помеѓу луѓето прикажани на објавените фотографии и исчезнатото мало дете

Австриската полиција вели дека јасно и без никаков сомнеж може да се потврди дека на фотографијата која е направена на трамвајска станица во Виена не е двегодишната Данка Илиќ од Бор.
Во соопштението од австриската полиција, објавено утринава, се наведува дека врз основа на истрагата и поврзаните факти, јасно и без сомнение може да се исклучи врската помеѓу луѓето прикажани на објавените фотографии и исчезнатото мало дете.
Според соопштението, српски државјанин кој живее во Виена им пријавил на српските власти дека на трамвајската станица „Шотенринг“ забележал мало дете во придружба на две возрасни жени.
„Забележувајќи ја сличноста меѓу девојчето и речиси двегодишното дете исчезнато во Србија, тој направи видео од трите лица и го сподели со српските власти. Со оглед на тоа што роднините по прегледувањето на сликите изјавиле дека најверојатно станува збор за исчезнатото девојче, по наредба на Јавното обвинителство на Виена, фотографиите ги објави државната полициска управа на Виена на 3 април 2024 година. Сега е разјаснет идентитетот на лицата од сликите и воспоставен е контакт со нив“,
се истакнува во соопштението на виенската полиција.
Девојчето Данка Илиќ исчезна во вторникот на 26 март во населбата Бањско Поље во Бор, а потрагата по неа влегува во десеттиот ден.
Од српската полиција велат дека истрагата за случајот се одвива во повеќе правци и дека се проверуваат сите лица што може да се поврзат со исчезнувањето на девојчето.
Изминатите денови, специјализирани екипи на Министерството за внатрешни работи на Србија ја пребаруваа околината на куќата, а беше претресена и дива депонија на стариот пат. Исто така, се претресуваат и куќите на оние лице што имаат имот, но не живеат во местото.
Во потрагата беа вклучени и хеликоптери и дронови со термални камери.
Српската полиција информира дека е претресена површина од десет квадратни километри и дека засега нема никакви траги. Спасувачите ги пребарале и каналите во должина од 4,5 километри, подземниот тунел и шахтите што ја поврзуваат оваа населба со некогашниот басен на Бор, а и таму не се пронајдени траги кои би укажале дека девојчето е таму.
Родителите на Данка, Милош Илиќ и неговата сопруга Ивана, секојдневно одговараат на прашања на полицијата со цел да се дојде до некоја нова трага која можеби претходно била игнорирана.
Потрагата се прошири и надвор од границите на земјата. Министерството за внатрешни работи на Црна Гора соопшти дека потрагата по исчезнатото девојче е во тек и побара од црногорските граѓани да ја известат канцеларијата на Интерпол во Подгорица доколку имаат информации за исчезнатото девојче.
Во исто време истрагата се прошири и во Австрија, а Интерпол распиша жолт аларм за Данка Илиќ. Овој аларм се вклучува за исчезнати лица и претставува глобално полициско предупредување за најблиските на исчезнатото лице, за киднапирања или, пак, за исчезнувања од необјаснети околности.
Двегодишната Данка Илиќ има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри. Девојчето може да се препознае по обесена брадавица на левото уво и бенка со неправилна форма и малку темна боја на левата подлактица.
По исчезнувањето на девојчето, во Србија по првпат е активиран и системот „Најди ме“ (Amber Alert).