„Енкеледа е стипендист на македонската влада и е на втора година од студиите. И средното економско училиште го заврши во Охрид, со одличен успех, како што успешно ги полага и испитите на факултет. Се надеваме дека ќе биде пронајдена здрава и жива“, велат роднини на девојката

Дваесетгодишната девојка Енкеледа Чела, која од вчера се води за исчезната, била студентка на Економскиот факултет во Скопје.
Родителите на девојката, која е Македонка од селото Требиште во областа Голо Брдо и е државјанка на Албанија, веќе се пристигнати во Скопје.
„Енкеледа е стипендист на македонската влада и е на втора година од студиите. И средното економско училиште го заврши во Охрид, со одличен успех, како што успешно ги полага и испитите на факултет. Се надеваме дека ќе биде пронајдена здрава и жива“,
велат блиски роднини на девојката во изјава за МИА и потврдуваат дека родителите веќе се во Скопје.
Тие додаваат дека загриженоста е голема кај сите жители во селото и областа, кај најблиските роднини и кај нејзиниот брат и трите сестри, но се надеваат дека сè ќе има среќен крај.
Сликата од девојка на која е опишан нејзиниот изглед од утрово се шири на социјалните мрежи.
Според описот на фотографијата, станува збор за девојка со црвено-кафена боја на коса, висока 160 сантиметри, тешка 55 килограми, која на горните заби носела протеза. Девојката била облечена во фармерки и црна јакна, а носела и ранец.
Фотографијата на Фејсбук ја објави Јоана Манојловска, која вели дека е другарка на исчезнатата девојка.
На фотографијата, исто така е нагласено дека девојката последен пат била видена вчера наутро на бензинската пумпа во населбата Илинден.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „360 степени“ потврдија дека случајот вчера ѝ бил пријавен на полицијата во Петровец.