Во несреќата се повредени вкупно 17 лица од вкупно 160 патници кои се превезувале од Баварија, Германија, кон австрискиот град Линц
Синоќа околу 22 часот бугарски брод за крстарење удрил во бетонски ѕид на реката Дунав во градот Ашах во северниот дел на Австрија. На бродот во моментот на несреќата се наоѓале 160 патници кои патувале од Баварија, Германија, кон австрискиот град Линц.
Портпаролот на австриската полиција во градот Ефердинг соопшти дека бродот удрил во бетонски столб, а по несреќата веднаш биле алармирани припадниците на полицијата, спасувачи, како и припадници на итната помош.
Пред неколку дена во американскиот град Балтимор, по удар од товарен брод, се урна мостот „Френсис Скот Ки“. Во оваа несреќа животот го загубија шест работници кои извршувале градежни работи на мостот пред неговото уривање.
Уривањето на мостот, главната сообраќајница преку пристаништето, го затвори пристаништето Балтимор на неодредено време. Патем, тоа е едно од најпрометните пристаништа на источниот брег на САД.
Претходно во средата, федералните истражители го прегледаа товарниот брод додека екипите за итни случаи ги бараа телата.
Товарниот брод со сингапурско знаме со должина од три фудбалски игралишта пријавил дека ја губи моќта пред судирот и го фрлил сидрото за да го забави бродот со цел одговорните лица да го запрат сообраќајот навреме.
