Одржувањето на парламентарни избори во овој момент не е во агендата на Демократската унија за интеграции (ДУИ), порача вицепремиерот Бујар Османи откако деновиве повторно се наметна прашањето кога би се одржале изборите кои првично беа закажани за 12 април, но се одложија поради коронавирусот.
„Ако ме прашувате како претставник на ДУИ, изборите не се воопшто во агендата на ДУИ. Ние имаме две основни цели, тоа се здравствената криза со пандемијата и социоекономските последици кои ги создадоа. Сè друго што се наметнува како тема сметаме дека е дефокусирање на институциите и на политичката и општествената енергија во решавање на овие два проблеми. Нашиот став е дека одлуката за избори ќе ја донесе Комисијата за заразни болести, а не политичките партии или кој било друг општествен фактор“,
рече Османи.
Од останатите две најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, исто така, досега барем официјално не се споменува датум. Од СДСМ вчера имаше изјава дека изборниот процес би се одржал на тој начин што граѓаните би гласале со маски, а традиционалните митинзи ќе се избегнуваат. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во интервју за ТВ Алфа синоќа го повтори ставот дека за неговата партија изборите не се приоритет.
За отворените прашања со изборите и вонредната состојба зборува претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“, која ќе се емитува вечерва (1 мај 2020 г.) од 22 часот на ТВ Алсат.