За жал ќе морам да ја одбијам поканата. Имено, моето разбирање на демократската политика е во духот на секуларноста, на која впорчем нѐ обврзува и Уставот. Државата и верските заедници се одвоени едни од други, а нам како претенденти за највисоката позиција во државата не ни прилега ниту во кампања, ниту вон кампања, да им се додворуваме на граѓаните со организирање средби од ваков вид, порача Ванковска на Фејсбук
Кандидатката за претседател на државата на Левица, Билјана Ванковска, не ја прифатила поканата на актуелниот претседател Стево Пендаровски и кандидат за претседател на СДСМ за ифтарска вечер, а, како што информира таа на својот фејсбук-профил, нема да прифати ниту евентуална покана за велигденска вечер.
„Тукушто добив покана за Ифтарска вечера, оваа организирана од претседателот Стево Пендаровски. За жал ќе морам да ја одбијам. Имено, моето разбирање на демократската политика е во духот на секуларноста, на која впорчем нѐ обврзува и Уставот. Државата и верските заедници се одвоени едни од други, а нам како претенденти за највисоката позиција во државата не ни прилега ниту во кампања, ниту вон кампања, да им се додворуваме на граѓаните со организирање средби од ваков вид. Посакувајќи им на сите верници од муслиманска вероисповест лесни рамазански пости и среќни празници, сепак ќе укажам и на нужноста од заедничко изразување солидарност и емпатија за два милиони луѓе во Палестина кои намерно се изгладнуваат, а не постат, иако го почитуваат својот верски кодекс. Во најмала рака можеме да упатиме апел за итен прекин на огнот и доставување хуманитарна помош со овие луѓе, и особено децата, кои гладуваат во степен пострашен од оној во Дарфур или Сомалија“,
напиша Ванковска на Фејсбук.
Таа посочува дека нејзиниот одговор ќе биде идентичен и за евентуална велигденска вечер.
„Дозволете однапред да укажам дека мојот одговор ќе биде идентичен и за евентуална (како што разбрав, веќе медиумски најавена) покана за средба од ваков вид по повод велигденските празници. Верувам дека средствата наменети за овие средби можат да бидат пренаменети за поблагородни цели. Ние, како претседателски кандидати, можеме да испиеме заедничко кафе во кое било кафуле во Скопје или на друго место без да создаваме трошоци и испраќаме несоодветни политички пораки до граѓаните“,
порача Ванковска.
Од изборниот штаб на Пендаровски вчера на брифинг со новинарите најавија дека тој ќе организира ифтарска и велигденска вечер на која ќе бидат поканети сите кандидати со цел да покаже дека ќе води европска и демократска кампања во која ќе демонстрира почит кон сите противници во изборната трка.
Покана за ифтар за да разговараат и да се договорат за конструктивна кампања и позитивен натпревар на идеи кои ќе го дадат идниот европски претседател на државата, вчера преку социјалните мрежи до своите ривали упати и претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи, но со исклучок на Ванковска и на кандидатот на ГРОМ, Стевче Јакимовски.
По ова реагираше Ванковска, која нагласи дека Османи со ваквиот потег правел свои „црни листи“ на подобни и неподобни.
„За Јакимовски му е јасна поентата (се наоѓа на американска црна листа), но за мене можеби знае нешто што јас не го знам… Второ, разговор за избор на европски претседател не ме интересира бидејќи јас се кандидирам за македонски претседател. Мојата легитимација ќе ја барам од мојот народ и од никој друг (па таман да е и ЕУ)“,
пишуваше, меѓу другото, во фејсбук-објавата на Ванковска.