Меѓу позвучните имиња со поголемо политичко искуство се издвојува поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, сега потпретседателка на Движењето ЗНАМ, поранешна претседателка и член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска. Таа ќе ја предводи листата на ЗНАМ на парламентарните избори во петтата изборна единица
Прашан зошто меѓу носителите на листи го нема Горан Минчев, поранешен висок функционер на СДСМ, а сега генерален секретар на ЗНАМ, портпаролот Мемов рече дека тој првично бил предложен за носител, но на сопствено барање ќе биде на листата за пратеници под реден број 20, односно последен
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска ги објави имињата на носителите на пратеничките листи во сите шест изборни единици за претстојните парламентарни избори закажани на 8 мај.

Кои ќе бидат носители на кандидатските листи за пратеници на ЗНАМ било одлучено вчера од страна на Извршниот одбор, а потоа и на седница на Централниот одбор на која со акламација бил потврден изборот на кандидатите, информира денеска на прес-конференција портпаролот на Движењето, Никола Мемов.
Меѓу позвучните имиња со поголемо политичко искуство се издвојува поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, сега потпретседателка на „Движењето ЗНАМ“, поранешна претседателка и член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска.
Таа ќе ја предводи листата на ЗНАМ на парламентарните избори во петтата изборна деница, информира Мемов.
„За носители на листите се кандидирани луѓе кои се нови во политиката, стручни во областите во кои работат, чесни, луѓе со карактер и вистински вредности, но и луѓе кои веќе имаат политичко искуство со чист образ“,
рече тој.
Имињата на носителите на кандидатските листи тој ги соопшти почнувајќи од изборната единица 6. Таму носител ќе биде Небојша Захариевски, кој, како што кажа Мемов, е магистер по правни науки и претседател на општинската организација на ЗНАМ во Тетово.

Носител во „петката“ ќе биде Бендевска, а листата на кандидати за пратениците на Движењето во четвртата изборна единица ќе ја предводи Миле Цеков, кој е дипломиран економист и актуелен претседател на Стопанската комора на југоисточна Македонија. Од партиските функции, Цеков е претседател на општинската организација на Движењето ЗНАМ.
Носител на листата во изборната единица број три ќе биде уште еден од потпретседателите на Движењето, Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија и доктор по историски науки.
Директорот на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во Куманово и претседател на општинската организација на партијата, Даниел Стојчевски ќе биде носител на листата во втората изборна единица.
Во изборната единица број еден листата на ЗНАМ ќе ја предводи Бобан Карапејовски, професор на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и член на Извршниот одбор на „Движењето ЗНАМ“.
Карапејовски во оваа изборна единица ќе се соочи со лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и на Левица – Димитар Ковачевски, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, кои ќе бидат носители на кандидатските листи за пратеници во „единицата“.
Носителите на листите на Движењето ЗНАМ, како што информираше Мемов на прес-конференцијата, в недела (24 март) ќе бидат промовирани на партиска конвенција што ќе се одржи во спортско рекреативниот центар „Кале“ во Скопје. На конвенцијата обраќање ќе има и лидерот на Движењето ЗНАМ и кандидата за претседател на државата, Максим Димитриевски.

Прашан зошто меѓу носителите на листи го нема Горан Минчев, поранешен висок функционер на СДСМ, а сега генерален секретар на ЗНАМ, Мемов рече дека тој првично бил предложен за носител, но на сопствено барање ќе биде на листата за пратеници под реден број 20, односно последен. Со ова, како што рече Мемов, Движењето ЗНАМ сака да упати порака дека не е како другите политички субјекти и дека функциите не им се во преден план.
„Генералниот секретар и шеф на изборниот штаб на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев, е човек со огромно политичко искуство. Тој беше предложен за носител на листа во изборна единица број 2, но на негово барање тој ќе биде на листата за пратеници, меѓутоа под реден број 20. Преку личен пример генералниот секретар упатува порака дека ние од „Движењето ЗНАМ“ се разликуваме од другите дека не се ставаат личните интереси и борбата за функции во прв план. Нашите мотиви за општествениот ангажман се од идеолошка природа, а не од лична“,
рече Мемов.
Носителите на кандидатските листи за претстојните парламентарни избори досега ги соопштија ВМРО-ДПМНЕ и Левица, додека од СДСМ засега е извесно дека носител во ИЕ 1 ќе биде партискиот лидер Димитар Ковачевски. Тој вчера во изјава на медиумите потврди дека носител на листа ќе биде и актуелната директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија треба да ги утврди носителите на листи во шесте изборни единици на партискиот конгрес што е закажан за утре, а на кој ќе му претходат седници на Извршниот и на Централниот одбор на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска информираа дека одлучиле кој ќе ја предводи листата во изборната единица 5 и дека тоа ќе биде генералниот секретар на партијата и пратеник во Собранието, Ѓорѓија Сајкоски.
