Од Лекарската комора истакнуваат дека никаков вид насилство во општеството не смее да се толерира и бараат од надлежните институции итно да ги преземат сите неопходни мерки и да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат и санкционираат сторителот
Матичните лекари од приватното здравство велат дека се згрозени од случајот во кој нивни колега доцна синоќа беше пронајден мртов со убодни рани на телото на паркинг во близина на поликлиниката „Железара“. Во знак на револт од Здружението на приватни матични доктори најавија дека в понеделник нема да работат од 12 до 16 часот.

„Згрозени сме од ваквиот грозоморен чин. Се работи за наш колега и професионалец кој целиот свој живот го има посветено на работата. Што треба да значи ова, дека треба да се плашиме дали некој што не е задоволен од некоја причина од нашата работа и после работно време може да посегне по нашиот живот. Ние ќе го изразиме нашиот револт и в понеделник од 12 до 16 часот нема да работиме“,
вели за МИА претседателката на Здружението на приватни матични доктори, Лидија Чолакова-Дервишова.
Таа вели оти е неопходно да се донесе закон за лекарска дејност со кој ќе се заштити работата на лекарите.
„Ние сме навистина револтирани и згрозени од ваквиот чин“,
вели Чолакова-Дервишова.
Од Министерството за здравство за државната новинска агенција информираат дека избодениот лекар не бил вработен во поликлиниката „Железара“, туку имал приватна ординација издадена под концесија.
Остра осуда за, како што се наведува, убиството на лекарот, стигна и од Лекарската комора, од каде што преку објава на социјалните мрежи, велат дека настанот предизвикал силна вознемиреност кај докторската фела.
Оттаму истакнуваат дека никаков вид на насилство во општеството не смее да се толерира и бараат од надлежните институции итно да ги преземат сите неопходни мерки и да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат и санкционираат сторителот.
„Загубата на човечки живот секогаш е тешка, но трагедијата е многу поголема кога тоа е направено на насилен начин. Загубата на доктор е и загуба за целиот здравствен систем. Лекарската комора изразува длабоко сочувство до семејството и блиските и останува будно да го следи развојот на настаните и соодветно да реагира“,
се вели во соопштението на Лекарската комора објавено на нивниот фејсбук-профил.
Како што претходно утрово информираа од Министерството за внатрешни работи, пријавата дека во возило марка „киа“ е пронајдено безживотно тело на А.Т. (67) со убодни рани на него, во СВР Скопје стигнала во 23:09 часот. Го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако лекарот не се вратил дома од работа.
Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.
Од МВР додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија преку писмено соопштение информираа дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото на настанот во скопската населба Железара. Оттаму потврдија дека станува збор за лекар, чие тело го пронашол неговиот син.
„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и наредба за прибирање и анализа на сите траги пронајдени на лице место и за обезбедување на снимки од видеонадзор. Се преземаат дејствија за расчистување на настанот“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.