Вработен во поликлиниката, кој сакаше да остане анонимен, за „360 степени“ вели дека во реонот и на паркингот кај поликлиниката често се случувале кражби во автомобили. За избодениот лекар вели дека бил добар и позитивен човек, кој не влегувал во конфликти
Траги од крв на асфалтот од паркингот пред поликлиниката „Железара“ се нем сведок на местото каде што доцна синоќа со повеќе убодни рани било пронајдено безживотното тело на 67-годишниот лекар А.Т.

На местото што се користело како паркинг го нема возилото во кое, според полицијата, било најдено телото на лекарот и е подигнато за вештачење од страна на истражните органи.
Утрово таму не можеа да се забележат припадници на униформираната полиција.
Вработен во поликлиниката, кој сакаше да остане анонимен, за „360 степени“ вели дека во реонот и на паркингот кај поликлиниката често се случувале кражби во автомобили. За избодениот лекар вели дека бил добар и позитивен човек, кој не влегувал во конфликти.

Како што претходно утрово информираа од Министерството за внатрешни работи, пријавата дека во возило марка „киа“ е пронајдено безживотно тело на А.Т. (67) со убодни рани на него, во СВР Скопје стигнала во 23:09 часот. Го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако лекарот не се вратил дома од работа.
Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.
Од МВР додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, но засега не соопштуваат повеќе детали за смртта на лицето.

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија преку писмено соопштение информираа дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото на настанот во скопската населба Железара. Оттаму потврдија дека станува збор за лекар, чие тело го пронашол неговиот син.

„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција, како и наредба за прибирање и анализа на сите траги пронајдени на лице место и за обезбедување на снимки од видеонадзор. Се преземаат дејствија за расчистување на настанот“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Дел од медиумите, повикувајќи се на полициски извори, неофицијално објавија дека станува збор за убиство на матичен лекар кое се случило пред поликлиника „Железара“.
