Уредбата за владината финансиска поддршка за исплата на платите на работниците и за спас на работните места во услови на кризата поради пандемијата беше тема на денешниот состанок што денеска се одржа во Владата на кој премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката задолжена за економските ресори, Мила Царовска, министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за економија, Крешник Бектеши, заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ разговараа со претставниците на синдикатите и граѓанските организации за заштита на правата на работниците.
Од Владата соопштија дека состанокот бил конструктивен, со цел да се надминат разликите во однос на новините кои вчера беа соопштени во однос на субвенционирањето на компаниите погодени од кризата, а кои предизвикаат остри реакции.
„Заеднички е констатирано дека се дефинирани предлози кои се добра основа за решение во насока на заштита на работните места, отстранување на можностите за отпуштање на работниците во услови на здравствено-економската криза од коронавирусот, а во исто време решение кое ќе биде стимул за компаниите да ја искористат државната помош“,
се вели во соопштението.
Учесниците на денешниот состанок се согласиле дека во иднина ќе продолжи и ќе се интензивира економско-социјалниот дијалог со сите партнери во врска со следни одлуки во врска со спречување на економските последици од кризата.
Владините и граѓанските претставници се заложија за решавање на отворените прашања во најбрз можен рок, со цел спроведување на мерката за заштита на работните места и за редовна плата во услови на криза, се наведува во владиното соопштение.
„Денеска остварив конструктивна средба со претставниците на синдикатите и граѓанските организации за заштита на правата на работниците, на која се разговараше за уредбата за владината финансиска поддршка за исплата на платите на работниците и за спас на работните места и се постигна заедничка согласност дека во иднина ќе продолжи и ќе се интензивира економско социјалниот дијалог со сите партнери во врска со следни одлуки поврзани со спречување на економските последици од кризата“,
објави и премиерот Спасовски на Фејсбук.
Најжестоки реакции предизвика новината која им овозможува на фирмите кои ќе аплицираат за владината субвенција за минимална плата по работник да можат да го намалат бројот на вработени за 15 проценти, средните за 10, а големите за 5 проценти, за разлика од претходно, кога условот беше да ги задржат до јули.
