Ескобар рече дека се уште се надева оти решение ќе се најде во вторник, кога во Брисел ќе се сретнат главните преговарачи на Косово и Србија

Американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар вели дека не успеал да го убеди косовскиот премиер Албин Курти да ја суспендира одлуката за забрана на српската валута во Косово додека Европската унија, САД и Владата на Косово не најдат долгорочно решение, како на пример електронски трансфер на евра преку косовскиот систем.
„Премиерот рече дека тоа е одлука на независна институција“,
вели Ескобар во интервју за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, на крајот од неговата посета на Косово.
Ескобар рече дека се уште се надева оти решение ќе се најде во вторник, кога во Брисел ќе се сретнат главните преговарачи на Косово и Србија.
Тој додаде дека не добил никаква гаранција од премиерот на Косово во однос на подобрувањето на нацрт-статутот за формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.
Тој призна дека има, како што рече, „многу разочарување од оваа Влада на партијата Самоопределување, не само во Вашингтон, туку и во Брисел, Рим, Берлин и Париз“.
„Ние секогаш ќе бидеме близок пријател на Косово, но тоа не значи дека нема да имаме разлики во мислењата со поединци и со поединечни влади и мислам дека таму сме сега. Влегуваме во период во кој имаме недостаток на комуникација и ние, барем од американска страна, правиме се што можеме да ги поправиме тие односи“,
рече Ескобар.
Прашан дали САД гледаат каква било поврзаност помеѓу нападот на Бањска и државата Србија, Ескобар рече дека се сомневаат во одредени финансиски и организациски врски, но го истражуваат случајот во целина.
„Не бараме Србија да го истражи 24 септември (кога се случи нападот во Бањска), бараме одговорност“,
рече Ескобар.
