Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ќе исплаќа надоместок на плата на сите здравствени работници и вработени во здравствените институции кои заболеле од ковид-19 вршејќи ја својата работа.
Ова го најави директорот на ФЗО, Ден Дончев, на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање поврзано со скратувањето на платите на заболени лекари со ковид-19 кои користат боледување.
Дел од здравствените работници, кои заболеа од ковид-19 вршејќи ја својата работа, се пожалија дека им се одбиени средства од платата бидејќи користеле боледување.
„Намалувањето на плата врз основа на боледување е законски долги години. Меѓутоа, сега имавме новонастаната ситуација. Фондот има заземено одредени мерки и практично ќе исплатува надоместок на плата по основа на професионално заболување кое е поврзано со ковид-19. Надоместокот ќе биде во висина од 100 проценти за здравствените работници и лица вработени во здравствените институции, како најизложени на коронавирусот“,
рече Дончев.
Тој појасни дека Министерството за труд и социјална политика ќе направи измени во одредени прописи за тоа кои заболувања ќе се сметаат како професионални заболувања.
Во однос на партиципацијата што ја плаќаат заболените со ковид-19, Дончев рече дека се очекува Владата да донесе уредба со законска сила со што ќе се овозможи осигурените лица да може да се ослободат од плаќање на учество со лични средства, односно партиципација. Тоа ќе се однесува на здравствени услуги поврзани со ковид-19.
