„Моментално сè уште имаме еден скенер, врз основа на којшто влечеме податоци за да може да се влезе во систем да бидат информирани граѓаните, така што правиме сè што е возможно да се направи да целиот процес биде подостапен за граѓаните, подостоинствен, но наеднаш сè не можеме да направивме“, вели Тошковски
Министерството за внатрешни работи во наредниот период ќе работи на можноста жителите на Скопје да добиваат информација дека нивната лична карта е готова и дадена во соодветна полициска станица. Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски најави дека ова е наредниот чекор на кој ќе работат, но посочи оти можностите и техничките капацитети се ограничени.
„Верувајте ми дека капацитетите се тие, можностите се тие, моментално сè уште имаме еден скенер, врз основа на којшто влечеме податоци за да може да се влезе во систем да бидат информирани граѓаните, така што правиме сè што е возможно да се направи да целиот процес биде подостапен за граѓаните, подостоинствен, но наеднаш сè не можеме да направивме. Многу често се обидувам да зборувам на наједноставен начин, но ова не е едноставен процес, ама не е ни научна фантастика која треба да ја измислиме, но со посветеност, со работа, чекор по чекор ќе го нормализираме“,
изјави тој одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на одделението за Управни работи Куманово.
Тошковски денеска изврши увид во пилот-проектот и новиот начин на функционирање на вадењето лични документи по системот „земи бројче“.
Објаснувајќи го процесот, Тошковски рече дека граѓаните подигаат бројче за услуга, преку мониторите се известени кога треба да пристапат до шалтерите каде што ја добиваат бараната услуга. Според него, на овој начин се регулира метежот.
„Она што го правиме во овој месец и половина, целта ни е на еден достоинствен начин колку што можеме да го олесниме процесот на издавање лични документи“,
рече Тошковски.
За Тошковски начинот на издавање на документи „прв дојден, прв услужен“ е хаотичен.
„Сега гледаме како функционира, затоа и кажавме дека е и пилот-проект. Мислам дека ’прв дојден, прв услужен’ како процес е хаотичен кога имате 2 100 000 документи, лични, кои треба да се издадат на ’тесно грло’ наречено Министерството за внатрешни работи. И да, мислам дека е голем проблем, ама требало да мисли некој друг, претходно. Она коешто ние сега можеме да го направиме како решение е на еден достоинствен начин, во рамки на систем да се обидеме да го регулираме овој процес и ќе сториме сè што можеме да сториме за да граѓаните достоинствено си ги обезбедат личните документи. Факт е дека има разлика“,
рече Тошковски.
Тој додаде дека сега се работи врз основа на принцип на правичност за да се одвива процесот и врз основ на принцип оној што закажал термин да добие термин во соодветен временски интервал.
„Приближно бројката на термини коишто треба да пристапат во нареден период, ги имаме како термини коишто се закажани од веб-страницата е негде околу 300 илјади, нешто помалку. Верувајте ми кога станува збор за бројка од 300 илјади термини, можеби еден човек за повеќе термини, за возачка, лична, за патна исправа, реално е тешко да се справиме на најправичен и најправеден начин за граѓаните, меѓутоа даваме сѐ она што можеме да го дадеме како време и максимален придонес од наша страна и гледаме тоа да е врз основа на принцип на правичност и праведност“,
изјави Тошковски.
Тој најави дека во наредниот период, за разлика, како што рече, од претходниот, ќе се прочистуваат листите од аспект на закажани термини. Засега се прави на недела дена, а понекогаш и на дневна основа. Оние коишто се предомислиле и наместо од редовна пристапиле кон итна постапка за вадење документ, максимално се користат слободните термини за поефикасно спроведување на процесот.