Продолжуваме и понатаму со изнаоѓање на конкретни решенија кои имаат за цел да ги олеснат постапките поврзани со процесот на издавање на лични документи, напиша министерот Тошковски на Фејсбук
Министерството за внатрешни работи, со цел да воспостави ред во приемот на странки за фотографирање и издавање лични документи, ќе воведе систем „Земи бројче“. Системот денеска бил тестиран во просториите на Отсекот за управни работи – Куманово, информира ресорниот министер Панче Тошковски на својот фејсбук-профил.
„Денеска во просториите на Отсекот за управни работи – Куманово, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација го тестиравме системот ‘Земи бројче’ кој има за цел да воспостави ред во однос на приемот на странки за фотографирање и издавање на лични документи, а кој наскоро ќе биде целосно ставен во функција. Продолжуваме и понатаму со изнаоѓање на конкретни решенија кои имаат за цел да ги олеснат постапките поврзани со процесот на издавање на лични документи“,
напиша Тошковски на Фејсбук.
МВР денеска информира и дека започнува со нов начин на достава на личните карти. Имено, од понеделник, 11.3.2024 година, жителите на Скопје ќе можат да ги подигнат новите лични карти во полициските станици според местото на живеење.
„Анализата на успешноста на доставата на лични карти на домашна адреса на граѓаните на територија на град Скопје доведе до заклучок дека таа е нецелосна, несеопфатна и недоволно ефикасна, а истовремено го нема посакуваниот ефект и кај граѓаните и кај полициските службеници кои беа задолжени за достава“,
се наведува во соопштението од МВР.
Од МВР додаваат дека секој граѓанин ќе може да пристапи во кој било период од денот, секој ден од неделата, со цел да си ја подигне готовата лична карта.