„По еден долг процес од една година, конечно албанската опозиција го доби својот претставник во ДИК. Не знаеме зошто овој процес се одолговлекуваше, иако со закон местото беше резервирано за албанската опозиција“, рече Демири

Абдуш Демири од денеска е седмиот член на Државната изборна комисија (ДИК). Демири доаѓа за член на ДИК откако пред неколку месеци местото беше испразнето по назначувањето на Кренар Лога за министер за правда.
Демири беше избран за член на ДИК минатата недела кога пратениците во рамките на 145. седница на Собранието гласаа за одлуката.
На денешната свечена изјава на Абдуш Демири за член на ДИК, која ја даде пред претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, и генералната секретарка Цветанка Иванова, тој рече дека ќе ги извршува своите задачи согласно Изборниот законик.
„По еден долг процес од една година, конечно албанската опозиција го доби својот претставник во ДИК. Не знаеме зошто овој процес се одолговлекуваше, иако со закон местото беше резервирано за албанската опозиција“,
рече Демири.
Претседателот на ДИК, Аександар Даштевски, смета дека Демири совесно и професионално ќе ја извршува својата задача.
„Во претходните мои изјави бев оптимист и бев сигурен дека ќе се избере членот, така што комплетиран е составот на ДИК со седум члена и не се остава простор за какви било манипулации што би можело да создаде едноставно сомнеж, а не значи дека ќе има“,
рече Даштевски.
Демири беше предлог за член на ДИК од опозициските партии на Албанците обединети во „Европски сојуз за промени“.
Даштевски денеска одговараше на новинарски прашања и за гласањето на претседателските и парламентарните избори закажани за 24 април и 8 мај. Тој рече дека Државната изборна комисија (ДИК) има поднесено предлог до Собранието во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани.
Даштевски вели дека важечки документи според Изборниот законик се патната исправа и личната карта.
„Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието“,
рече Даштевски.
Овој предлог Даштевски го најави уште пред десетина дена кога рече дека од ова нема поидеално решение.
„Веќе го сменивме Законот за лични карти и тие важат, но многу луѓе немаат и лични карти, па ако важат пасошите, ќе имаат еден документ, зашто тоа се реално важечки документи, издавани од нашите надлежни органи“,
рече тогаш Даштевски.
Што се однесува до оние лица кои сега навршуваат 18 години, Даштевски рече дека тие може да се пријават за да бидат внесени во Избирачкиот список.
„За полнолетните е изнајдено решение и точно се знае според закон до кога ќе можат да се запишуваат. Тоа што е во законот, тоа е“,
одговори Даштевски.
