Коментирајќи ја изјавата на францускиот премиер Емануел Макрон дека земјите кои обезбедуваат помош за Украина не треба да ја исклучат можноста да испратат свои војници во Украина, Путин рече дека последиците за оние што ќе пристигнат на фронтот можат да бидат трагични
Вашингтон и Париз синоќа ги нарекоа „неодговорни“ зборовите на рускиот претседател Владимир Путин, кој го предупреди Западот на реалниот ризик од нуклеарна војна доколку испрати свои војници да се борат во Украина.
„Ова не е првпат да ја видиме неодговорната реторика на Владимир Путин. Вака не треба да зборува лидерот на земја со нуклеарно оружје“,
изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Американскиот функционер потсети дека Вашингтон претходно комуницирал со Русија за последиците од употребата на нуклеарно оружје.
„Но, немаме знаци дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје“,
рече тој.
Францускиот министер за вооружени сили Себастијан Лекорну вчера го повика Путин „да не биде неодговорен“.
„Внимателно слушав што кажа претседателот на Руската Федерација утринава. Кога претставувате нуклеарна сила, немате право да бидете неодговорни и да предизвикувате ескалација. Рускиот претседател зборуваше и за заканите што доаѓаат од Западот. Нема закани за Руската Федерација. Тоа е говор кој се состои од глумење жртва и напад, а сите добро знаат дека Русија е агресор во Украина“,
им рече Лекорну на новинарите.
Заканите за употреба на нуклеарно оружје упатени од страна на рускиот претседател Владимир Путин, портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано вчера ги оцени како апсолутно неприфатливи и несоодветни.
Во своето обраќање до јавноста Путин вчера посочи дека Западна Русија мора да биде соодветно заштитена по проширувањето на НАТО со Шведска и Финска додавајќи дека силите на НАТО подготвуваат напад на руска територија користејќи ги, како што рече, најефикасните сили за тоа.
Коментирајќи ја изјавата на францускиот премиер Емануел Макрон дека земјите кои обезбедуваат помош за Украина не треба да ја исклучат можноста да испратат свои војници во Украина, Путин рече дека последиците за оние што ќе пристигнат на фронтот можат да бидат трагични.
„Зборуваат дека Русија планира да ја нападне Европа, а ние самите знаеме дека тоа е глупост. Веќе зборуваат и за испраќање војници во Украина. Треба да знаат дека Русија има оружје што може да уништи цели и на нивните територии. Треба да бидат свесни дека таквите акции предизвикуваат нуклеарен конфликт. Изгледа дека не се свесни оти такво нешто може да доведе до крај на човештвото. За нив сето тоа е како во цртаните филмови“,
рече Путин.