Според Стано, на денешното обраќање на Путин треба да се гледа во контекст на претстојните претседателски избори во Русија и неговите напори да биде реизбран на функцијата
Заканите за употреба на нуклеарно оружје упатени од страна на рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето до јавноста се апсолутно неприфатливи и несоодветни, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
„Тоа е уште еден од многуте примери како Путин се обидува да ја префрли одговорноста за војната што ја почна во Украина и за нестабилноста што ја предизвика во Украина и во регионот. Тоа е уште една можност за него да ги шири добро познатите лаги и измами“,
истакна Стано во коментар на ставот на Путин искажан во денешното обраќање до руската јавност дека е можна нуклеарна војна доколку земјите од НАТО воено интервенираат во конфликтот во Украина.
Стано нагласи дека Путин ја започна војната во Украина и затоа тој е одговорен за сите последици од неа и на внатрешен план во Русија, но и во Украина и на глобално ниво.
Според Стано, на денешното обраќање на Путин треба да се гледа во контекст на претстојните претседателски избори во Русија и неговите напори да биде реизбран на функцијата.
„Тој го залажува народот кој живее под железна тупаница како во времето на сталинизмот. Армијата е во катастрофална состојба, економијата е блокирана, кредибилитетот на земјата е целосно уништен и неговите досегашни напори за уништување на Украина се неуспешни“,
заклучи Стано.
Во своето обраќање до јавноста Путин денеска посочи дека Западна Русија мора да биде соодветно заштитена по проширувањето на НАТО со Шведска и Финска, додавајќи дека силите на НАТО подготвуваат напад на руска територија, користејќи ги, како што рече, најефикасните сили за тоа.
Коментирајќи ја изјавата на францускиот премиер Емануел Макрон дека земјите кои обезбедуваат помош за Украина не треба да ја исклучат можноста да испратат свои војници во Украина, Путин рече дека последиците за оние што ќе пристигнат на фронтот, можат да бидат трагични.
„Зборуваат дека Русија планира да ја нападне Европа, а ние самите знаеме дека тоа е глупост. Веќе зборуваат и за испраќање војници во Украина. Треба да знаат дека Русија има оружје што може да уништи цели и на нивните територии. Треба да бидат свесни дека таквите акции предизвикуваат нуклеарен конфликт. Изгледа дека не се свесни оти такво нешто може да доведе до крај на човештвото. За нив сето тоа е како во цртаните филмови“,
рече Путин.