Гутереш повторно повикува на итен хуманитарен прекин на огнот и ослободување на сите заложници

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го осуди денешниот инцидент во северниот дел на Газа во кој загинаа повеќе од 112 лица. Портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик вели дека генералниот секретар го осудува инцидентот „во кој повеќе од 100 луѓе биле убиени или се повредени додека чекаа животоспасувачка помош“.
„На очајните жители на Газа им е потребна итна помош, вклучително и на тие во опколениот север, каде што повеќе од една недела ОН нема можност да достави помош“,
рече Дужарик.
Тој додаде дека Гутереш повторно повикува на итен хуманитарен прекин на огнот и ослободување на сите заложници.
По инцидентот, за вечерва е предвидено да се одржи состанок на Советот за безбедност на ОН кој ќе биде зад затворени врати, а кој, според неименуван дипломатски извор, е побаран од Алжир.
Денеска Хамас и палестинската управа обвинија дека израелската војска отворила оган врз цивили што чекале хуманитарна помош, а израелската страна тврди дека дошло до хаос и турканици околу камионите, при што загинале десетици Палестинци, стотици биле повредени, а некои биле прегазени.