Во 2021 година, Олег беше осуден на условна казна од една година затвор за кршење на ограничувањата за ковид
По братот на Алексеј Навални е распишана потерница, објави руската државна новинска агенција ТАСС. Соопштено е дека против Олег Навални е отворена нова кривична постапка и дека руските власти трагаат по него.
Во 2021 година, Олег беше осуден на условна казна од една година затвор за кршење на ограничувањата за ковид. Тој беше осуден затоа што во јануари 2021 година ги повика Русите на социјалните мрежи да учествуваат на митинг за Алексеј.

Обвинителите тврдеа дека собирот е прекршување на санитарните и епидемиолошките правила, што можело да доведе до ширење на болеста. Олег отпатувал за Кипар истата година и никогаш не се вратил во Русија, според извештаите.
Да потсетиме, Алексеј Навални почина во петокот во регионот Јамало-Ненец на далечниот руски север, каде што одлежа 19-годишна затворска казна за измама, непочитување на судот и кршење на условната казна. Како што соопштија властите, причината за смртта на Навални е „ненадејна смрт“.
Телото на Навални, опозициски лидер и жесток критичар на Владимир Путин, ќе биде задржано две недели заради хемиски анализи. Ова ѝ било кажано на неговата мајка, изјавил претставник на семејството Навални, пренесува Би-би-си.
Од руските власти засега нема информации каде во моментот се наоѓа телото на рускиот опозициски лидер, а сите обиди за негово лоцирање наидуваат на ќор-сокак.
Сопругата на Навални, Јулија, ги обвини руските власти дека го кријат неговото тело.
Таа во видеообраќање вчера, во кое порача дека ќе ја продолжи борбата на својот сопруг за слободна Русија, директно го обвини рускиот претседател Владимир Путин за убиство на Навални.
Јулија Навални, исто така, тврди дека неговото тело се чува додека да исчезнат трагите од труење со нервниот агенс новичок.
(ВИДЕО) Вдовицата на Навални: Ќе ја продолжам неговата мисија, сакам да живеам во слободна Русија