Кремљ негираше вмешаност во смртта на Алексеј Навални. Неговата сопруга ги обвинува руските власти дека го кријат неговото тело и чекаат да исчезнат трагите од нервниот агенс новичок
Јулија Навални, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, денеска во видеопорака изјави дека ќе ја продолжи работата на својот сопруг и ќе се бори за слободна Русија.
„Сакам да живеам во слободна Русија, сакам да изградам слободна Русија“,
рече Навални во видеопораката со наслов „Ќе ја продолжам работата на Алексеј Навални“.
Я буду продолжать дело Алексея Навального. Продолжать бороться за нашу с вами страну. И я призываю вас встать рядом со мной. pic.twitter.com/aBOIvcYHHk
— Yulia Navalnaya (@yulia_navalnaya) February 19, 2024
„Владимир Путин го уби мојот сопруг“,
додаде таа нагласувајќи дека ќе работи со рускиот народ за да се бори против Кремљ и да создаде нова Русија.
Кремљ негираше вмешаност во смртта на Алексеј Навални. Неговата сопруга ги обвинува руските власти дека го кријат неговото тело и чекаат да исчезнат трагите од нервниот агенс новичок. Сојузниците на Навални знаат зошто тој е убиен и наскоро ќе ги откријат деталите, вклучително и имињата на оние кои се вмешани во неговото убиство, рече Јулија.
Синдром на ненадејна смрт?
Руските истражители сè уште не ја утврдиле причината за смртта на Алексеј Навални ниту е јасно колку време ќе биде потребно за да се донесат официјални заклучоци, изјави денеска неговата мајка. Навални, 47-годишен поранешен адвокат, колабира и почина во петокот по прошетката во казнената колонија на „Поларните волци“ во Харпа, на околу 1 900 километри североисточно од Москва, каде што издржуваше 30-годишна казна, соопшти затворската служба.
На мајката на Навални, Људмила, во саботата ѝ било кажано дека тој починал од синдром на ненадејна смрт, недефиниран термин за различни фатални срцеви заболувања, соопшти тимот на Навални.
Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, изјави дека на неговата 69-годишна мајка и на адвокатите им било кажано дека официјалната истрага за причините за смртта е продолжена и дека не се знае колку време ќе потрае.