На мајката на Навални, Људмила, во саботата ѝ било кажано дека тој починал од синдром на ненадејна смрт, недефиниран термин за различни фатални срцеви заболувања, соопшти тимот на Навални
Руски истражители сè уште не ја утврдиле причината за смртта на Алексеј Навални ниту е јасно колку време ќе биде потребно за да се донесат официјални заклучоци. Ова, според портпаролката на Навални, ѝ било кажано на неговата мајка.
Навални, 47-годишен поранешен адвокат, колабира и почина во петокот по прошетката во казнената колонија на „Поларните волци“ во Харпа, на околу 1 900 километри североисточно од Москва, каде што издржуваше 30-годишна казна, соопшти затворската служба.
На мајката на Навални, Људмила, во саботата ѝ било кажано дека тој починал од синдром на ненадејна смрт, недефиниран термин за различни фатални срцеви заболувања, соопшти тимот на Навални.
Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, изјави дека на неговата 69-годишна мајка и на адвокатите им било кажано дека официјалната истрага за причините за смртта е продолжена и дека не се знае колку време ќе потрае.
Причината за смртта е неутврдена, рече Јармиш додавајќи дека руските власти лажат и одолговлекуваат.
Сè уште не е познато каде е неговото тело
На неговата мајка и адвокатите денеска не им било дозволено да влезат во мртовечницата во арктичкиот град во близина на затворската колонија каде што, како што тврдат властите, Навални колабирал и починал на самото место, изјави портпаролката.
„На прашањето дали телото на Алексеј е внатре, вработените во мртовечницата не дадоа одговор“,
тврди Јармиш.
Смртта на Навални, поранешен адвокат, ја остави поделената руска опозиција без нејзиниот најхаризматичен и најхрабар лидер додека претседателот Владимир Путин се подготвува за избори кои би можеле да го задржат на власт најмалку до 2030 година.