„Решение е пратениците да постапат по предлог-законот што го поднесов и да го сменат Законот за патни исправи и да го решат проблемот на граѓаните“, вели министерот за внатрешни работи во техничката влада
Македонскиот пасош со старото име се употребува во Германија, Швајцарија, Албанија, Косово, само не може да се употреби во Македонија. Затоа ги повикувам пратениците во Собранието, како што го сменија Законот за безбедност во сообраќајот така да го сменат и Законот за патните исправи и да го решат веќе еднаш овој проблем. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски на одбележувањето на Денот на Одделот за заштита на определени личности и објекти при Министерството за внатрешни работи.
„Срамота е Македонија да ги зароби граѓаните на територија на која сме. Доколку пробаат да излезат до Македонија, ние не ги пуштаме зашто законот е таков. А можат слободно да се движат со македонскиот пасош со старото име во рамки на Германија, во рамки на Швајцарија, Албанија и Косово. МВР презема максимум во рамките што ги има во овој дел. Но, решение е пратениците да постапат по предлог-законот што го поднесов и да го сменат Законот за патни исправи и да го решат проблемот на граѓаните“,
рече тој.
Тошковски посочи дека пристигнале 20 илјади обрасци со новото име на државата.
Во осми месец минатата година имало договор заклучно со 18 февруари во Македонија требало да пристигнат 400 илјади обрасци. Тој договор со одреден акт е заменет и заклучно со 18 февруари согласно тој договор е преземена обврска во декември за 22 илјади обрасци. Зошто е тоа така направено, немам доволно докази. Но, ќе истражиме“,
вели Тошковски.
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев најави дека покрај овие 20 илјади пристигнати во иднина ќе пристигнат и нови обрасци.
„Кога ќе бидат готови документите, граѓаните ќе бидат известени со СМС-порака“,
рече тој.
Повеќе европски држави, дел од нив членки на Шенген-зоната, дозволуваат влез и излез на нивните гранични премини со пасош со старото уставно име – Република Македонија, покажува праксата од изминатите неколку дена, вели доброупатен дипломатски извор за „360 степени“.