Откако Универзална сала била преземена од Град Скопје, како што рече Костадиновска-Стојчевска, од Министерството за култура се направила ревизија на проектот и се добило позитивно мислење со сите измени што биле вметнати

Реконструкцијата на Универзална сала веќе се работи и се бројат деновите кога таа ќе биде отворена, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Според неа, за оваа година се обезбедени вкупно 120 милиони денари, а предвидени се средства и за следните две години.
„Универзалната сала веќе се работи. Она што никогаш во 12 години не се направи, оваа година се направи за неколку објекти. Прва е Универзална сала, за која веќе броиме денови кога треба да ја отвориме, оти насушно ни треба. Се обезбеди повеќегодишно финансирање. Оваа година има 120 милиони денари“,
рече Костадиновска-Стојчевска на денешниот брифинг со новинарите.
Според министерката, за 2025 година се обезбедени 443 милиони денари, а истата таа сума се предвидува и за во 2026 година.
„При преземањето на документите од Универзална сала не ни беше дадена целосната документација. Ние ја баравме преку Министерство за правда, преку државен правобранител. Токму затоа ништо таму досега не можеше да се придвижи“,
додаде министерката.
Откако Универзална сала била преземена од Град Скопје, како што рече Костадиновска-Стојчевска, од Министерството за култура се направила ревизија на проектот и се добило позитивно мислење со сите измени што биле вметнати. Изведувачот, рече таа, е истиот оној што ја започна реконструкцијата.
Средствата, 120 милиони денари за оваа година се дадени на Министерството за култура, на наменска сметка за Универзална сала, додека првата сума е вратена назад во централен буџет.
Првичните средства кои беа предвидени за реконструкција на Универзалната сала, како што додаде министерката, се вратени во буџетот на државата бидејќи се неискористени. Станува збор за 67 милиони денари.
„Ова е затоа што долго време траеше преземањето на документацијата. Кога веќе конечно ја преземавме документацијата, ние немавме можност да ги реализираме тие средства и се вратени назад во буџетот“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Универзалната сала треба да биде готова за три години.
Во однос на другите објекти, кои исто така, се финансираат преку Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска рече дека успеале да обезбедат не само пари, туку повеќегодишно финансирање на киното „Партизан“ во Битола, како и реконструкција и адаптација на театарот при НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
„Подобро е да имаме театар којшто ќе го градиме по сите постапки, секоја година постепено, отколку да ни ‘никне творба која од почеток ќе има дупка во кровот’“,
рече Костадиновска Стојчевска.
Продолжувањето на реконструкцијата на Универзалната сала министерката ја најави уште минатата недела кога рече дека е останато само уште да се потпише договорот за банкарска гаранција и со тоа процесот ќе биде затворен.
Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференција во Владата минатата недела, се осврна и на процедурата што Министерството за култура ја поминало за да ја добие документацијата од Град Скопје и вели дека таа ода веќе е завршена.
На 20 јули годинава, со 26 гласа „за“, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзалната сала на Министерството за култура.
Министерката Костадиновска-Стојчевска изминатиот период упатуваше апели до градоначалничката и Советот на Град Скопје да излезат во пресрет бидејќи Скопје е избран да биде Европска престолнина на културата во 2028 година, а Универзална сала е институцијата која аплицирала.