„Пред еден месец Европската комисија, значи Европската Унија, од Брисел праќа писмо до Владата и вели: ‘во процедура во Собранието имате закон со кој практично се злоупотребува европското знаме бидејќи таква европска директива нема’. Меѓутоа, пратениците тераат до крај, го усвојуваат тој закон. Пред неколку дена доаѓа европскиот амбасадор кај мене и ми вели: ‘ова е злоупотреба, уште една во серија, на европското знаме’. Никој не спори дали е законот добар или лош, вели не смее да биде злоупотребувано европското знаме“, изјави денеска шефот на државата во Тетово
Шефот на државата Стево Пендаровски денеска од Тетово повторно ги образложи причините поради кои не го потпиша указот за прогласување на измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри. Вели дека не навлегува во содржината на Законот дали е добар или лош, туку во начинот на кој е донесен, во скратена постапка – со европско знаменце, спротивно на укажувањата на Европската Унија.

Говорејќи во овој контекст, тој одговори и на реакцијата на Демократската унија за интеграција (ДУИ), која образложението дека указот не е потпишан поради злоупотребата на „европското знаменце“ го оцени како „приказни за мали деца“.
Пендаровски, кој денеска беше во посета на Државниот универзитет во Тетово, рече оти не го дели мислењето дека писмен допис од Брисел за кого било во земја која е кандидат и која преговара за членство во Европската Унија може да се каже дека се приказни за мали деца.
„Според мене, тоа е сериозно укажување кое не би смеело како однесување да го повторуваме понатаму. Пред месец дена Европската комисија, значи Европската Унија од Брисел праќа писмо до Владата и вели: ‘во процедура во Собрание имате закон со кој практично се злоупотребува европското знаме, бидејќи таква европска директива нема’. Меѓутоа, пратениците тераат до крај, го усвојуваат тој закон. Пред неколку дена доаѓа европскиот амбасадор кај мене и ми вели: ‘ова е злоупотреба, уште една во серија, на европското знаме’. Никој не спори дали е законот добар или лош, вели не смее да биде злоупотребувано европското знаме. Ако сакаме да одиме во Европска Унија, мораме, пред да станеме членки, да се однесуваме како Европејци“,
изјави Пендаровски.
Законот, како што кажа Пендаровски, сега мора да оди во редовна процедура и преку расправа која нема да трае само два-три дена да се види дали тој е добар или лош.
„Законот мора да оди во редовна процедура и расправата за него да не трае само два-три дена. Јас не навлегувам во тоа дали Законот е добар или лош. Имам добиено писмена забелешка од ЕУ дека се злоупотребува европското знаменце. Бидејќи јас сум легалист, за мене најважна работа е тоа да го нема. Кога Законот ќе оди во редовна процедура, македонската јавност ќе ги слушне аргументите и на едните и на другите и ќе заклучиме што е најдобро за нас“,
додаде шефот на државата.
Шефот на државата Стево Пендаровски, како што соопштија вчера од неговиот кабинет, одлучи да не го потпише указот за прогласување на измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кои предвидуваат нови цени за лиценците за обложувачниците, како и објектите во кои тие се лоцирани да бидат оддалечени повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.
Пендаровски одлуката ја донел по детална анализа на текстот на Законот и постапката во која тој беше донесен, а во оваа насока се консултирал и со Делегацијата на Европската Унија (ДЕУ) во земјава.
Оттаму, како што наведува Пендаровски во дописот до претседателот на Собранието Јован Митрески со кој го известува зошто не го потпишал указот, оцениле дека употребата на европското знаменце при носењето на измените на Законот е несоодветна.
„…Затоа, а поаѓајќи од забелешките во последниот Извештај за напредок во однос на употребата на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската Унија, популарно позната како ‘процедура со европско знаменце’, во рамките на консултации се обратив и до делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, како наш најважен партнер во земјата во процесот на преговори. Во одговорот што го добив од нивна страна е наведено дека ’тие нотирале дека Законот е усвоен во процедура што се базира на употребата на европското знаме’. Во ситуација на отсуство на суштинско ’аки’ (задолжително право на ЕУ), во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано ‘ЕУ аки’ што може да биде релевантно, како и поради комплексноста и важноста на предметните прашања, тие сметаат дека употребата на процедурата со европско знаменце е несоодветна“,
наведува шефот на државата во писменото известување до претседателот на законодавниот дом.

На одлуката на Пендаровски остро реагираа од ДУИ, од каде што рекоа дека е за жалење и оти со неа ја фрлил во корпа за отпадоци довербата на пратениците и на граѓаните кои ги поддржале измените и се ставил на страната на обложувачниците и казината.
„Образложението дека европското знаменце била „злоупотребено“ за усвојување на законот е приказна за мали деца, замислете немале забелешки за содржината туку за процедурата. Ние не се предаваме во оваа битка и убедени сме дека пратениците со чиста совест се на страната против казината и обложувалниците“,
се вели во реакцијата на ДУИ објавена на официјалниот фејсбук-профил на партијата.