Течат разговорите со многу политички партии, како што напредуваат така ќе информираме, но прво сакаме да ги завршиме разговорите со партиите кои досега беа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и коишто во иднина ќе бидат дел од победничката коалиција, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прашан за предизборно коалицирање со Алијансата за Албанците. За случувањата во партијата каде се разидоа две структури, Мицкоски вели дека нема да се меша во внатрепартиските работи.
„Не се мешаме. Непримерно е што прават СДСМ и ДУИ , директно се вмешани во случувањата. Шокиран сум од нивното однесување, пред се од првенците на ДУИ и СДСМ, но тоа е нивна работа. Ние како што не сакаме никој да се меша во внатрешните работи на ВМРО-ДПМНЕ така и ние не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на политичките партии“,
вели Мицкоски.
Тој најави дека утре ќе имаат конститутивна седница на Републичкиот изборен штаб, а во однос на прашањето за претседателски кандидат, Мицкоски вели дека се уште е отворен огласот и сите кои ќе ги исполнат условите и до 21 февруари се пријават, ќе бидат дел од Конвенцијата.
„Тие процеси се одвоени. Ние како партија независно од огласот мериме имиња. Можам да кажам дека се не повеќе од три имиња во моментов, но огласот е отворен и тоа е независно од анализата на партијата. Секој што ќе ги исполни условите, ќе биде дел од Конвенцијата за претседателски кандидат кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи, а со самото тоа и иден претседател на Македонија“,
потенцира Мицкоски.
Мицкоски очекува повеќе претседателски кандидати, и од коалицијата предводена од СДСМ и од албанските политички партии.
„Би било неполитички и демократски непаметно да не истакнат свој кандидат и да не ги искористат тие моменти, бидејќи на тој начин ценам дека би биле под чадорот на една политичка владина партија, така што во име на демократијата очекувам повеќе кандидати. Да повторам, кандидатот на една политичка партија покрај поддршката од таа, неформална поддршка очекувам да добие и од владината коалиција СДСМ-ДУИ за да собере потписи да учествува во трката“,
додава Мицкоски.