Вицепремиерот Артан Груби доцна синоќа по разрешувањето на министрите во Собранието на предлог на премиерот на техничката влада, Талат Џафери, на својот фејсбук-профил напиша дека првиот премиер Албанец разрешил двајца министри, кои, како што порача, ВМРО-ДПМНЕ ги бранела со сите сили
Отткако синоќа по десетчасовна расправа беа разрешени од функциите, поранешните министри за здравство и за информатичко општетсво и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, денеска на своите фејсбук-профили упатија идентична порака до вицепремиерот Артан Груби.

Му порачаа да престане со заканите и да не ја разгорува ситуацијата, оти, како што напишаа, 8 мај, денот на изборите, е многу блиску.
„Артан Груби во силна вознемиреност ни се заканува на Фејсбук и ни порачува ‘спијте мирно‘, Али Ахмети ќе се погрижи за сè. Артан, престани со заканите, одмори неколку дена и не ја разгорувај ситуацијата. Сфаќам дека ти е крај, но барем покажи ја машкоста на крајот! И отворете го календарот, видете, 8 мај е многу, многу блиску! Промената започна!“,
напишаа Меџити и Алиу.
Алиу вчера, пред да биде разрешен, рече дека имал опструкции од страна на ДУИ.
Ние, потенцира Алиу, уште кога влеговме во Владата, кажавме дека ќе бидеме опозиција во Владата и се гордееме со тоа.
До вчера, рече Алиу, се зборуваше дека ДУИ ги контролира албанските партии, но денеска се гледа дека ДУИ ги контролира и отворено тие одлучуваат кој ќе биде министер во една друга партија, но тоа е пуч.
Меџити, пак, изрази жалење што не сите министри во Владата ја делат истата цел како неговата, а ДУИ ја обвини дека преку своите министри политизира и работи против интересите на граѓаните и го штити својот партиски интерес.
Разрешувањето на Алиу и Меџити беше предложено од кадровската комисија на Алијанса на Албанците откако двајцата изразија поддршка за претседателот на партијата Арбен Таравари.
Вицепремиерот Артан Груби доцна синоќа по разрешувањето на министрите во Собранието на предлог на премиерот на техничката Влада, Талат Џафери, на својот фејсбук-профил напиша дека дека првиот премиер Албанец разрешил двајца министри, кои, како што порача, ВМРО ДПМНЕ ги бранела со сите сили.
„Лека ноќ, убав сон, спијте мирно додека Али Ахмети се грижи за сите нас“,
напиша Груби.
Денеска се одржува Централното собрание на Алијанса за Албанците кое го свика претседателот на ова тело, Зијадин Села.
На прашањето дали според статутот на партијата, Централното собрание може да го разреши Таравари од претседателската функција, Села рече дека тоа е можно, но дека конечна одлука носи Конгресот на партијата.
Поделбата во Алијанса за Албанците започна минатиот викенд кога Фејсбук стана арената во која првенците на Алијанса за Албанците ги потврдија шпекулациите за длабоките разлики во врвот на партијата за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.
Прв почна актуелниот претседател на Алијанса, Арбен Таравари, кој напиша дека бара поддршка од Централното собрание за да им се приклучат на опозициските партии на Албанците.
На ова реагираше генералниот секретар на АА и министер за правда Кренар Лога, кој напиша оти партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Му се приклучи претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и напиша оти тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
