Таа изјави дека нема намера да разговара со никого по усвојувањето на резолуцијата на Европскиот парламент за изборите во Србија и дека ќе поднесе оставка доколку некој од неа побара меѓународна истрага
Српската премиерка Ана Брнабиќ во изјава за РТС изрази уверување дека новата влада ќе биде конституирана до средината или крајот на март.
Таа потсети дека во вторникот била одржана конститутивната седница на српскиот парламент и дека рокот од 90 дена за формирање влада, почнал да тече.
„Верувам дека брзо ќе ги формираме сите институции. Србија има многу работа. Мораме да продолжиме да работиме. Верувам дека владата ќе биде конституирана до средината или крајот на март за да можеме да продолжиме со работа“,
изјави Брнабиќ на РТС.
На прашањето каде ја гледа својата позиција во новата влада, Брнабиќ одговори „ќе видиме“.
„Најмалку важно е каде е кој лично. Важно е луѓето да се борат, да ја сакаат својата земја и да веруваат во неа и во потенцијалот на својот народ, да бранат се што ни оставиле нашите предци за да го зачуваат за нашите потомци“,
рече Брнабиќ.
Таа изјави дека нема намера да разговара со никого по усвојувањето на резолуцијата на Европскиот парламент за изборите во Србија и дека ќе поднесе оставка доколку некој од неа побара меѓународна истрага.
„Немам намера да разговарам со никого по усвојувањето на таа резолуција. Би сакала да видам некој да дојде и да ми побара меѓународна истрага, да јас како премиер, макар и во технички мандат, дозволам меѓународна истрага во сопствената земја, верувајте, во тој момент би поднела оставка ако некој тоа го побара“,
изјави Брнабиќ за РТС.
Републичката изборна комисија ги објави конечните резултати од изборите на 12 јануари, а сите приговори на опозициската коалиција беа отфрлени.
„Србија против насилството“ на 18 јануари поднесе барање до Уставниот суд за поништување на изборите во Белград. Коалицијата „Србија против насилството“ ја сочинуваат Партијата за слобода и правда, Демократската партија, Народното движење на Србија, Еколошкото востание, Зелено-левичарскиот фронт, Србија центар, партијата Заедно, Движењето на слободни граѓани, Движење за револуција, синдикатот „Слога“ и движењето Ново лице на Србија.
Протести на српската опозиција започнаа на 18 декември откако матичната партија на претседателот Александар Вучиќ, СНС, ден претходно прогласи целосна победа на изборите, за кои опозицијата тврди оти се украдени од власта.
Покрај републичките и покраинските избори, на 17 декември се одржаа и локални избори во 65 градови и општини, меѓу кои и Белград.
Српскиот претседател Александар Вучиќ го отфрли барањето на дел од опозицијата во земјата за меѓународна истрага за наводни изборни нерегуларности, наведувајќи дека изборите во Србија се прашање на државните институции.
Според него, неодамнешните избори во Србија се одржале со „никогаш помалку приговори“, и претставниците на партиите од листата на „Србија против насилството“ ги потпишале сите записници на избирачките места.