Зеленски не понудил конкретно појаснување кој ќе биде сменет, но неговите коментари доаѓаат во насока на шпекулациите за иднината на функцијата на врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни
Разликите меѓу нив двајца тлеат со месеци, особено откако минатата година Залужни ја нарекол ситуацијата на бојното поле како ќор-сокак предизвикувајќи остри критики кои одеа во насока дека неговите коментари за војната се од корист само за Русија
На Украина ѝ е потребна промена на раководството и тоа не само во еден сектор, како што е војската, туку може да биде неизбежна и реконструкција на највисоките владини функционери. Ова свое размислување украинскиот претседател Володимир Зеленски го кажал во интервју за италијанскиот медиум РАИ сугерирајќи дека е неопходен нов почеток на земјата која речиси две години е под руска инвазија, пренесува Си-ен-ен.

„Кога зборуваме за ова, мислам на замена на низа државни лидери, не само во еден сектор како војската“,
рече Зеленски.
Според него, потребно е да се рестартира патот на земјата, со цел да ја водат поединци кои се уверени во нејзината победа над Русија.
„Размислувам за замена на голем број државни раководители. Ако сакаме да победиме, мора сите да притискаме во иста насока, убедени во победата. Не можеме да бидеме обесхрабрени и да го спуштаме оружјето. Мора да ја имаме вистинската позитивна енергија“,
рече тој.
Зеленски не понудил конкретно појаснување кој ќе биде сменет, но неговите коментари доаѓаат во насока на шпекулациите за иднината на функцијата на врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни.
Разликите меѓу нив двајца тлеат со месеци, особено откако минатата година Залужни ја нарекол ситуацијата на бојното поле како ќор-сокак предизвикувајќи остри критики кои одеа во насока дека неговите коментари за војната се од корист само за Русија.
Неодамна двајцата водачи се судрија околу тоа дали на Украина и треба масовна мобилизација. Началникот на армијата предложи дека е потребно подготвување на половина милион дополнителни војници, на што Зеленски се спротивстави.
Во ексклузивна колумна за Си-ен-ен, објавена минатата недела, Залужни признал дека Украина мора да се приспособи на намалувањето на воената помош од нејзините клучни сојузници.
Се очекува Зеленски да го објави отпуштањето на Залужни во наредните денови, иако претседателскиот портпарол Серхи Никифоров минатата недела изјавил дека се невистините шпекулациите за отпуштањето на началникот на армијата.
Зеленски веќе го смени министерот за одбрана и неколку заменици за одбраната, но се смета дека промената на Залужни ќе биде најголемото воено потресување од инвазијата на Русија во февруари 2022 година.
Според познавачите на состојбите во Украина, како што пишува Си-ен-ен, промената на Залужни би било политички ризичен потег за Зеленски, со оглед на огромната популарност на генералот во земјата.
Анкета објавена од Киевскиот институт за социологија во декември минатата година покажа дека 88 отсто од Украинците го поддржуваат началникот на армијата Залужни, во споредба со 62 отсто кои го поддржуваат за претседателот Зеленски.
Анкетата беше спроведена откако несогласувањата меѓу двајцата водачи очигледно се појавија на отворено околу гонењето на војната.
Според „Гардијан“, Залужни никогаш јавно не кажал дека ќе влезе во политиката, но неформалните објави на неговиот фејсбук-профил на кои се прикажани негови фотографии со неговата сопруга биле протолкувани како сигнал за таква намера.
Во ноември Зеленски ги предупреди генералите да не даваат политички изјави. Тој смета дека би било голема грешка ако командантите кои управуваат со војната да бидат вклучени во политика или на избори.